17/03/2026

Трамп забрани упис на странски студенти на Харвард


Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја прекинува за шест месеци можноста за влез на странски студенти на Харвард, повикувајќи се на државната сигурност и сметајќи дека дозволувањето на ваков вид запишување е “штетно за интересите на САД.”


Одлуката на Трамп произлегува по повеќемесечниот спор помеѓу Белата куќа и еден од најреномираните американски универзитети. Харвард предходно одби да ги исполни барањата на администрацијата во врска со откривањето на информации за интернационалните студенти, што предизвика прекинување на федералното финансирање.


Во последната објава, Трамп го обвинува Харвард дека има “обемни врски со странски држави” и дека “ги крши граѓанските права на своите студенти и наставници”. Тој во декретот додава: “Утврдено е дека е неопходно да се ограничи влезот на странски државјани кои доаѓаат во САД исклучиво или првенствено со цел да студираат на Харвард.”

Покрај забраната за нови запишувања, декретот го повикува државниот секретар да размисли за отфрлање на веќе издадените визи за студентите кои моментално учат на Харвард, а забраната може да биде продолжена и по првичниот рок од шест месеци.


Претставници од Харвард за Ројтерс изјавиле дека ова е “уште еден незаконски и одмазднички потег на администрацијата кој го крши правото на слобода на говор”. Универзитетот истакнува дека ќе продолжи да ги брани своите меѓународни студенти и да се спротивставува на притисоците од Белата куќа. Во моментов, околу 7,000 странски студенти претставуваат 27 проценти од студентската популација на Харвард.

Уредбата на Трамп доаѓа непосредно по пресудата со која судот ја блокираше претходната одлука на Министерството за домашна безбедност да забрани запишување на странски студенти на Харвард. Министерката Кристи Ноем претходно ја укина сертификацијата на универзитетот, потребна за запишување на странци, што исто така беше стопирано по судски пат.


Белата куќа исто така се закани и со укинување на акредитацијата на Универзитетот Колумбија, поради наводни нарушувања на правата на еврејските студенти за време на протестите против војната во Газа. Администрацијата на Доналд Трамп во изминатите месеци го зголеми притисокот врз американските универзитети, обвинувајќи ги дека не преземаат доволно против антисемитизмот.

Харвард беше обвинет и за “несоодветна соработка” со властите во однос на безбедносните проверки на меѓународните студенти, вклучувајќи и пропусти во информациите за тројца студенти. Според коментарите од Белата куќа, забраната за Харвард може да биде само почеток на поширока стратегија за ограничување на меѓународната академска размена, со образложение за заштита на националната безбедност.