Претседателот на САД, Доналд Трамп, официјално потпиша извршна наредба за зајакнување на индустријата за рударство во длабоките мориња, сектор кој предизвикува дебати поради загриженост за животната средина, пренесе ДПА.
Со оваа уредба, која беше потпишана синоќа, администрацијата се обврзува да го забрза процесот на издавање дозволи за комерцијална експлоатација на суровини од дното на океаните, како во меѓународни, така и во американски води.
Според официјално соопштение од Белата куќа, целта е САД да ја преземат водечката улога во светот во однос на екстракцијата на минерали од морското дно и да ѝ парираат на Кина на ова поле.
Рударството во длабоките мориња се концентрира на вадење на мангански нодули, кои изобилуваат со кобалт, бакар и никел – материјали од витално значење за батериите кои се користат во електричните возила.
Сепак, научни истражувања укажуваат на потенцијални сериозни ризици за слабо проучените екосистеми кои постојат во длабоките морски области.
Иако Конвенцијата на ОН за морско право од 1994 година го основа Меѓународниот орган за морско дно (ISA), со седиште во Јамајка, САД не се дел од оваа конвенција.
“И покрај глобалната опозиција, САД планираат да го уништат последното недопрено живеалиште на Земјата”, предупреди организацијата Гринпис.
“Трамп го претвора длабокото море во Див Запад”, изјави нивниот експерт Даниела фон Шапер. ссм/фото: архива.