Седум интервенции имала кумановската противпожарна единица од Куманово од почетокот на годинава, соопштија од територијалната противпожарна единица. Од нив четири интервенции се на објекти, куќи со предизвикана различна материјална штета. И утрово кумановските пожарникари гасеа пожар на кровна конструкција на куќа на улицата „Лесковачка“.
Ланската година имало помал број на интервенции во однос на 2021 година, информираше денеска командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Вкупно имало 359 интервенции од кои 90 на објекти, 141 на отворен простор, 30 интервенции на патнички и товарни возила и 81 во категорија останато. Тука, појаснуваат стручните лица, влегуваат интервенции на пожари на депонии, на контејнери, сено, бандери. Кумановските пожарникари лани помогнаа и во интервенција во Тетово.
– Во однос на претходната година 2022 беше подобра со значително помал број интервенции особено на отворен простор. Сметам дека ова се должи на едукацијата на населението, превентивните активности. Некако почна да јакне свеста дека уништувањето на шумите предизвикува далекусежни негативни последици. Се надевам дека и годинава ќе имаме помалку работа, изјави командирот Илиевски.
Во однос на претходната 2021 која граѓаните ја паметат по бројните пожари на отворено, кумановските пожарникари евидентираат 549 пожари. Од нив, 117 биле на објекти, 286 на отворено, 34 на патнички и товарни возила и 84 останато.
-Очекуваме да почне со реализација проектот кој се спроведува преку североисточниот плански регион и со кој е предвидена набавка на две возила за гасење шумски пожари, делумна санација на објектот и нова опрема за пожарникарите, значително да се подобрат условите за работа, изјави Илиевски.
Кумановската противпожарна единица во моментов, располага со осум противпожарни, три теренски возила за шумски пожари и едно транспортно возило. Во ТППЕ Куманово има 47 пожарникари што е солидна бројка, меѓутоа не ги задоволува стандардите согласно закон каде е предвидено по еден пожарникар на 1.500 жители. Со оглед на тоа што Куманово е најголема општина во државата и ги покрива соседните општини потребен е поголем број на пожарикари. ам/сст/
2023-01-10 14:01:27, од Александра Максимовска, Куманово