10/07/2025

Тошковски: Постапуваме за дивоградби, имаме наредба од ЈО, наскоро видливи резултати


Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека се работи на утврдување на случаите со бесправно изградени објекти и најави дека резултатите ќе бидат видливи во блиска иднина. Тој потврди дека постои наредба од државен обвинител и дека се преземаат соодветни мерки.


На прес-конференција во Владата, посветена на резултатите од првата година од неговиот мандат, тој потенцираше дека за разлика од порано, сега има неселективна и бескомпромисна битка против секој кој го прекршил законот.


“За разлика од претходно, сега МВР покажува дека можело да има неселективна и бескомпромисна борба спрема секој еден кој ќе се огреши пред законот. Го покажавме тоа, со постапувањето против врховни судии, член на обезбедување на премиер, актуелни директори, министри, директори на институции кои што злоупотребувале буџет, актуелни, поранешни, и градоначалници. Мислам дека македонскиот народ конечно гледа разлика како се постапувало и како треба, го гледа тоа, го чувствува”, рече Тошковски, одговарајќи на прашање од новинар.

Тој истакна дека ниту еден случај од јавен интерес нема да остане неразјаснет. “Во однос на тоа дали има наредба од страна на јавен обвинител, да, има, и постапуваме, и ве уверувам дека како за сите предмети за кои се постапувало под ова раководство така и во иднина нема да оставиме под знак прашалник ниеден конкретен предмет во интерес на јавноста, во однос на сите ќе постапуваме така како што и прилега на една европска земја. За разлика од тие претходно не сме европјани само декларативно, тоа го покажуваме со дела”, подвлече министерот Тошковски, додавајќи дека сепак, ова не е “боцни прачка, пиј вино”. “Ве уверувам дека како и за сите предмети, нема да оставиме под знак прашање ниту еден предмет, ќе постапиме како во секоја европска држава”, рече Тошковски.


Во однос на прашањето дали е утврден случај на дивоградба во Чаир, тој одговори дека не е запознаен со конкретни детали, но увери дека се работи на случајот и дека резултатите ќе бидат видливи наскоро.