Министрите за внатрешни работи, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денес во Белград ставија потпис на спогодба меѓу Владите на Македонија и Србија за формирање заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево. Овој договор има за цел да овозможи воведување на вистински „One Stop“ систем, со цел побрз транспорт на луѓе, зголемена трговија, туризам и зацврстување на пријателските врски меѓу двете држави.
“На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток, како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница,” изјави министерот Тошковски.
Тој додаде: “Со имплементација на системот очекуваме двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе.” Според информациите од МВР, Тошковски исто така нагласи дека продолжува одличната соработка со српската полиција во борбата против сите видови криминал, и дека за време на претстојната летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници меѓу Охрид и Србија.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, истакна дека главната цел на овој договор е да им се олесни на граѓаните преминувањето на границата и да се забрза протокот на луѓе и стоки. “Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки, така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја.” Дачиќ додаде: “Така го воспоставуваме „One Stop“ системот со едно место на контрола.”
Од МВР информираат дека „One Stop“ системот веќе е воведен со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, а планирано е да се воведе и со Република Албанија. На тој начин, Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите соседни земји кои не се дел од Европската Унија.
мд/са/Фото и видео: МВР .