Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во одговор на новинарско прашање да го искоментира укинувањето на „балансерот“ од страна на Уставниот суд, рече дека бидејќи етничката припадност е уставна категорија, неопходен е нов закон.
-Уставниот суд за 100 дена реши да ги извади на површина проблемите кои седат со години, 4-5 години. Тоа се проблеми коишто треба да се решат.
Мислам дека етничката припадност е веќе уставна категорија. Се надевам дека набргу ќе има нов закон. Кога е уставна категорија треба да има и закон.
Ќе има нов закон во којшто ќе се предвиди застапеност не само етничка, туку и на сите категории на луѓе коишто живеат во државата да имаат правична застапеност во институциите на системот, во институциите на државата.
Ние очекуваме, законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења коишто доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија и се надевам набргу ќе го процесуираме законот во Парламентот, рече Таравари.
Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
Вицепремиерот Изет Меџити, пак, најави дека коалицијата Вреди ќе понуди решение за правична и соодветна застапеност. бд/нд/Фото и видео: МИА .
Извор: МИА