– Најголемата партија на косовските Срби, Српка листа (СЛ) соопшти дека синоќешната експлозија во каналот Ибар-Лепенец во близина на Зубин Поток во северно Косово е против интересите на српскиот народ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку реакција на нејзината страница на Фејсбук, партијата побара итна истрага од Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, како и од Мисијата на Европската унија за владеење на правото во земјата, ЕУЛЕКС.
– Српска листа најостро ја осудува експлозијата во каналот Ибар-Лепенец во селото Варага во општина Зубин Поток.
Овој напад го загрози водоснабдувањето на нашите граѓани и предизвика загриженост кај Србите на северот на Косово.
Сакаме јасно да нагласиме дека овој чин е апсолутно против интересите на српскиот народ и бараме од КФОР и ЕУЛЕКС итна истрага за овој случај, се наведува во реакцијата на СЛ.
Вчера во доцните часови се случи силна експлозија, која го оштети каналот Ибар-Лепенец во Зубин-Поток. Регионалното водостопанство „Митровица“ соопшти дека го прекинало водоснабдувањето.
Во последните два дена имаше уште неколку инциденти на север.
Во Звечан, една од општините со мнозинско српско население во северно Косово, беа фрлени рачни бомб, во вторникот врз полициската станица, а во четвртокот вечерта и во дворот на општината.
По ова, полицијата на Косово вчера соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки низ државата. иа/ми/ .
Извор: МИА