18/04/2025

Советот на Општина Кочани не даде согласност на барањето за поскапување на геотермалната вода


Одлуката на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ за ново поскапување на геотермалната вода од осум отсто не доби согласност од Советот на Општина Кочани.


Со одлуката беше побарано новата цена за кубен метар геотермална вода да изнесува 66,83 денари, односно да се плаќаат по 4,93 денари повеќе во однос на актуелната цена. На денешната седница на Советот на која се разгледуваше барањето, беше предложено повисоката цена да не важи за училиштата кои се затоплуваат со геотермална вода, но и тоа не доби поддршка.


– Советот може да даде или да не даде согласност на одлуката, а за нејзината содржина решава Управниот одбор. Иницијативата за изземање на училиштата од плаќањето повисока цена треба да се испрати до Одборот, по што ќе треба да се изготви нова одлука со вметнатиот предлог, истакна Венцо Бојков од правната служба во Општина Кочани.

Од КЈП „Водовод“, во чиј состав е и работната единица „Геотерма“, нагласија дека со бараното покачување на цената претпријатието нема да остварува повисок приход, туку дека разликата ќе биде дел од концесискиот надоместок што изнесува 16,94 денари за кубен метар и се плаќа на сметка на Министерството за финансии.


Одлуката за новото покачување на цената до Советот на Општина Кочани беше доставена по само два месеца од последното поскапување, со кое таа се зголеми за над 83 отсто, а за што тогаш дел од корисниците најавија откажување на договорите за користење на топлата вода. та/мс/