Собранието ги избра Илир Демири и Наим Бајрами за министри за здравство и за информатичко општество и администрација


Собранието попладнево, во рамки на 143-тата седница, ги избра Илир Демири и Наим Бајрами за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местото на нивните сопартијци Фатмир Меџити и Азир Алиу кои во петокот беа разрешени на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери.


И Демири и Бајрами се избрани со 63 гласа „за“, ниту еден против и воздржан. По изборот, тие дадоа свечени изјави.


Во текот на расправата која се сведе на партиски препукувања, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека изборот на новите министри нема никаква логика, особено сега, како што рекоа, непосредно пред изборите.

Тие го квалификуваа ваквото решение како „циркус наречен влада на ДУИ и СДСМ“.


 -Што ќе придонесе Демири како инфектолог во Владата или како Меџити го попречи подготвувањето на изборите? Ако Меџити и Алиу беа од АА, тогаш Демири и Бајрами од каде се? Законски, нели, како што кажа Талат Џафери, не може да има два опозициски субјекта во Владата? Се изнаслушавме се, само не добивме одговор со издржано образложение.

Јасно е дека европскиот фронт се распаѓа, а додека е на власт гледавме само скандали, афери, криминал и корупција, не покажа никаква програма и план.


Веќе сте прочитана книга и единствено што треба да ви се случи е народ, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Гордана Сиљановска-Давкова укажа дека според Законот за Влада, техничката влада треба да гарантитра и да спроведе фер и демократски избори.


 -Тоа вели дека профилот на министрите треба да е не само непартиски, туку да има и елемент на стручност, а во случајов зборуваме само за најпартиски луѓе, истакна Сиљановска-Давкова.

 Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу дојде откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на претстојните избори ќе оди со албанската опозиција.

Техничкиот премиер Џафери во петокот објасни дека причина за разрешувањето не е професионалноста на Меџити и Алиу, туку тоа што законски не може да има два опозициски субјекта во Владата.

мч/аа/фото: принт скрин     .

Извор: МИА