Преку симулација на работа на Локален младински совет младите од Струмица побараа негово побрзо формирање, но и да ја подигнат свеста за важноста од функционирањето на ова тело на младите.
Според Данче Кирова, мобилизатор на заедница од Општина Струмица, следењето на предизборното ветување за формирање на Локален младински совет е еден од приоритетите за нив и затоа секој месец спроведуваат мониторинг на реализирањето на ова ветување.
-Направивме и анкета со која го истраживме јавното мислење на младите со ова прашање. Младите главно не се информирани за тоа какви локални младински политики има во Струмица, освен Локалната стратегија за млади. Покрај тоа, тие главно бараат формирање на Локален младински совет и да се вклучат во него. Од страна на Општината е објавен јавен повик за формирање на иницијативен одбор за локалниот младински совет и тоа е за пофалба и веќе е почнато формирањето на Советот, рече Кирова.
Додаде дека младите се подготвени да работат во Локалниот младински совет и затоа бараат што побрзо тој да се формира.
Активностите се спроведуваат во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а го реализира Центарот за истражување и анализи „НОВУС“ од Струмица. рт/вј/
biznisvesti.mk портал