Под слоганот „Сакај се себеси. Сакај го своето здравје!“ оваа година, од 12 до 19 мај, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, ја чествува Неделата на женското здравје. Денес, во склоп на прославата, ќе се одржи симпозиум и прес-конференција во Скопје.
Преку низа стручни и јавно-здравствени дејности, се укажува во известувањето од МАГО, асоцијацијата цели да го акцентира значењето на женското здравје и да го подобри пристапот до здравствени услуги за жените од сите делови на нашата заедница.
На прес-конференцијата, која ќе ја водат проф. др. Глигор Тофоски, претседател на МАГО, проф. др. Ирена Алексиоска-Папестиев, директор на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, и проф. др. Славица Арсова, директор на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, како што е известено, ќе биде промовиран и новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепцискиот и перинаталниот период, наменет за здравствени професионалци, пациенти и семејства, изработен во соработка со УНФПА – Фондот за население на Обединетите Нации.
“Прирачникот претставува значаен ресурс за: подигнување на свеста кај здравствените работници за значењето на грижата за менталното здравје на жените во перинаталниот период. Обезбедување мерки за превенција на нарушувањата на менталното здравје во перинаталниот период. Идентификација на фактори на ризик и ранливи групи. Унапредување на професионалните способности во раното препознавање на симптомите, адекватен менаџмент и терапија. Охрабрување на мултисекторска соработка и тимска работа преку групни дискусии. Психолошките аспекти на транзицијата кон родителство – клучен елемент на перинаталното ментално здравје,” се наведува меѓу другото во соопштението.
МАГО со промоцијата на новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепциски и перинатален период, се додава во соопштението, презема важен чекор кон систематска поддршка и подобрување на менталното здравје кај жените во најчувствителните фази од нивниот живот.
biznisvesti.mk портал