Сиљановска Давкова се сретна со директорот на канцеларијата на Светската банка за Косово и за Северна Македонија Паолучи


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими директорот на канцеларијата на Светската банка за Косово и за Северна Македонија, Масимилиано Паолучи.


На средбата, како што се наведува во соопштението од нејзиниот Кабинет, претседателката изрази благодарност до Светската банка за континуираното партнерство и поддршка во поттикнувањето на општествениот развој и економскиот раст на земјата.


– Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави досегашните напори на Светската банка во подобрување на деловната клима, зголемување на вработеноста и социјалната заштита и промовирањето на одржлив и зелен раст.

На средбата беше разговарано и беше поздравена новата Рамка за партнерство со нашата земја, како можност за дополнително јакнење на соработката со Светската банка и обезбедување на одржлив развој, се посочува во соопштението.


Претседателката, како што се наведува, изрази подготвеност и поддршка за натамошно вложување на заеднички напори со цел справување со тековните економски предизвици кои се од суштинско значење, како и реализација на иницијативи кои водат до јакнење на економијата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

-Во таа насока, претседателката ја истакна својата посветеност за унапредување на овие цели и промовирање на интересите на нашата земја преку економска дипломатија, се наведува во соопштението.


ев/дма/Фото:Кабинет на претседателот   .

Извор: МИА