Кандидатката за градоначалник на Скопје од Социјалдемократскиот сојуз, Каја Шукова, денес на прес-конференција го презентираше планот за справување со дивата депонија Вардариште, кој, како што објасни, ќе се спроведува во два чекора.
“Граѓаните вчера на протест јасно порачаа – доста е со труењето од Вардариште. Наместо празни зборови бараат конкретни нормативни решенија.”
Синоќа повторно се чувствуваше мирис на чад во домовите на граѓаните во соседните општини. Чадот и реата ги задушуваат жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Маџари и Автокоманда.
“Орце Ѓорѓиевски ги потценува овие граѓани, неговото наводно решение за изградба на парк на таа локација е навреда и предизборна манипулација. Орце ќе го претвори во парк Вардариште онолку колку што го дислоцираше Центарот за зависници од Кисела Вода. Да бидеме јасни, тие немаат решение, а нашиот план е реален и во две фази”, изјави Шукова.
Таа појасни дека првата фаза подразбира заштита од запалување на нелегалната депонија со нејзино оградување, физичка контрола и инсталирање видео надзор. Втората фаза, која се однесува на среден и долг рок, опфаќа изградба на модерна претоварна станица и целосна санација на загадената локација.
“Прва фаза заштита од палење, односно во рок од 45 дена систем за спречување на палењето на депонијата, оградување на Вардариште, физичка контрола и обезбедување на Вардариште со поставување на систем за видео надзор. Во втора фаза на среден и долг рок изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација. Воспоставување целосен систем за управување со отпад од собирање до финално депонирање во Дрисла со задолжителна селекција. Обнова на опремата за собирање на отпад, постојан мониторинг за надзор според највисоките еколошки стандарди. Ова е вистинското решение за Вардариште, сѐ друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ.”
“Скопје нема време за нови лаги, скопјани не смеат да се трујат заради кампањата на Ѓорѓиевски”, заклучи Шукова.
ра/са/Фото: МИА
Извор:
biznisvesti.mk портал