17/06/2025

„Секој цент потрошен од договорот со Британија ќе биде транспарентен“, уверува Мицкоски


Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека македонската јавност ќе има целосен увид во секој денар потрошен од стратешкиот договор со Обединетото Кралство. Ова следува како одговор на обвинувањата од опозицијата за недостаток на транспарентност, при што тој потенцира дека нема причина за непотребна дискусија за нешто што не постои и “дека нема да има носење договори по скратена постапка со европски знамиња и со строго доверливо класифицирани документи.”


Мицкоски истакна дека ниту еден податок од договорот нема да биде таен, туку се’ ќе биде отворено и транспарентно. “Ние во Парламентот нема да носиме никаков закон на шверцерски начин, со злоупотреба на европско знаме, како што правеа тие. Нема да класифицираме документи. Напротив ќе и биде јасно на македонската јавност што ќе потпишеме, под кои услови, кои се цените по коишто ќе се гради, кои се компаниите коишто сето тоа ќе го градат.”


Премиерот појасни дека немаат намера да сокријат ниту еден милиметар информација која им е потребна на граѓаните, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје. “Можам да ги разберам, но не можам да ги оправдам”, рече Мицкоски, нагласувајќи дека нивната загриженост е тоа што, како што рече, “гледаат дека во Македонија се гради, и дека повторно се задвижува економијата” и оти тие “за жал, како политичка структура седум години имаа можност да покажат перформанси, но беа инфериорни на оние коишто играа фудбачиња и баскет во кабинетите наместо да работат.”

“Прво, ниту е мој карактер, ниту пак имам намера нешто да кријам од македонските граѓани, туку сум секогаш подготвен да излезам да се соочам и апсолутно сето она коешто јас лично го работам и моите соработници е во интерес на македонските граѓани”, изјави Мицкоски.


На прашање дали тоа ги демантира информациите за мигранти и азиланти, Мицкоски рече дека “повторно нема потреба да растураме пердуви на тема која што не постои”. Тој додаде: “Ние можеме да измислуваме теми. Ако немаме и сега да си измислиме тема, дека надвор е темно, а гледаме дека е дење. . . Не треба британските медиуми. . . Па зарем изјавата на британскиот амбасадор не е доволна. Никакви кампови, никакви мигранти. Зарем тоа не е доволно. Тоа е исто како сега да кажам како ќе ја коментирате состојбата надвор дека е мрак, а гледаме дека е дење. . . тоа е исто во рамки на таа сатира би се изјаснил”, заклучи Мицкоски.