Наместо да се размислува за изградба на цела социјална зграда со станови наменети за социјално загрозени случаи и семејства во социјален ризик, подобро е да се обезбеди по еден социјален стан во неколку згради. Ваква забелешка изрази Ристо Сакалиев, советник во Советот на општина Кавадарци, на седницата што вчера попладне се одржа во Кавадарци.
Сакалиев беше во два мандата советник во Совет на некогашната општина Конопиште, а веќе четврт мандат е советник во кавадаречкиот општински Совет. Со над дваесет години независен советнички стаж, тој е советникот со најдолго советничко искуство во Тиквешијата.
– Искуството покажа дека изградбата на социјална зграда и сместувањето на најзагрозените фамилии на едно место не е најдоброто решение. Според мене, многу подобро е ако во повеќе згради има по еден социјален стан. Не само што на социјално загрозено семејство ќе му се обезбеди кров над глава и дом, туку ќе се создадат услови и другите станари во зградата да помагаат на лицата во социјален ризик, во рамките на своите можности, ја појасни Сакалиев својата иницијатива. свд/