17/06/2025

САД и Германија формираат заедничка компанија за производство на Патриот и ХИМАРС во Европа


Влијателниот воено-индустриски концерн „Локид Мартин“ и германската корпорација „Рајнметал“ основаат заедничка компанија во Европа за изработка на американски ракети, објавија денес одредени западни медиуми.


Новиот комплекс ќе произведува ракети ATACMS и GMLRS со опсег до 300 и 150 километри, наменети за системите HIMARS и M270 MLRS, ракети Hellfire и JAGM за беспилотни летала и авиони, како и ракети PAC-3 за противвоздушна одбрана Patriot.


Армин Папергер, главен извршен директор на „Рајнметал“, наведе дека германската компанија ќе има 60 проценти сопственост во компанијата, чие конституирање е зависно од согласност од американската влада.

Се предвидува дека производствената линија ќе започне со работа за 12 до 13 месеци, со планиран капацитет од 10.000 ракети и исто толку мотори секоја година.


Водечките светски производители на вооружување ја разгледувале замислата за формирање на заедничко претпријатие за време на Минхенската безбедносна конференција.

„За реализација на проектот се планира склучување на петгодишни договори со производители на електронски компоненти, и со значителен аванс”, изјави Папергер.


Моментално се воспоставуваат синџири за обезбедување потребни за производството на ракетите и системите.

Првичниот приход се проценува на 1 до 2 милијарди евра, а целосниот приход на 5 милијарди евра, земајќи ја предвид побарувачката: 600–800 ATACMS, 2,500 GMLRS, 5,000 Hellfire, 5,200 JAGM и 300 PAC-3 ракети секоја година.


Првото производство на мотори се очекува во 2026 година, а ракети во 2027 година.

Според Папергер, создавањето европски „центар за ракетна компетенција“ е одговор на недостигот на капацитет во САД и на долгите периоди за испорака.

Производството ќе биде целосно интегрирано во Европа, а интелектуалната сопственост ќе остане на европската страна.

„Локид Мартин“ потврди дека работи со европски партнери за идентификација на нови производствени можности за да се задоволи глобалната побарувачка за американска муниција и прецизни ударни системи.