Северна Кореја лансираше интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), потврдија денеска јужнокорејската војска и САД, што предизвика остра критика од обете земји, пренесува ДПА.
Северна Кореја ја лансираше ракетата кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на генералштабот во Сеул (ЈЦС).
Белата куќа, во изјавата објавена синоќа, го потврди лансирањето и истакна дека „силно го осудува“ тестирањето на „интерконтиненталната балистичка ракета“ од Северна Кореја.
– Ова лансирање е очигледно кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Шон Савет, во соопштението.
Се уште нема официјален коментар од Северна Кореја.
Јужна Кореја вели дека е подготвена и дека ги информира сојузниците„Во услови на зголемена подготвеност, нашата војска е целосно подготвена и ги споделува информациите за севернокорејските балистички активности со американските и јапонските власти,“ објави Јонхап, повикувајќи се на ЈЦС.
Канцеларијата на јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, исто така, го потврди тестирањето на ракетата.
САД изјавија дека лансирањето „непотребно ги зголемува тензиите и ризикува дестабилизирање на безбедносната ситуација во регионот,“ рече Савет.
„Ова само покажува дека ДНРК и натаму ги става своите незаконски програми за оружје за масовно уништување и балистички ракети пред доброто на својот народ,“ додаде Савет, користејќи ја кратенката на официјалното име на Северна Кореја, Демократска Народна Република Кореја.
„Ги повикуваме сите земји да ги осудат овие прекршувања и да побараат од ДНРК да ги прекине своите дестабилизирачки активности и да започне сериозен дијалог.
“ САД „ќе преземат сите неопходни мерки“ за заштита на земјата, како и на сојузниците Јужна Кореја и Јапонија. ссм/фото: архива/илустрација .
Извор: МИА