Нафтениот гигант „Роснефт“, предводен од Игор Сечин, долгогодишен соработник на рускиот претседател Владимир Путин, го презеде „Томтор“, најобемното лежиште на ретки метали во државата. Ова се случува по апелот на Путин минатата година за забрзување на експлоатацијата на ова наоѓалиште.
Лоциран во северниот сибирски регион Јакутија, „Томтор“ претставува клучен елемент во руските планови за интензивирање на производството на високотехнолошки метали. Овие метали се клучни за производство на оружје, мобилни телефони и електрични возила, со цел намалување на зависноста од увоз од Кина.
Според информациите од официјалниот државен регистар на руски компании, „Роснефт“ од вчера има целосна контрола над компанијата „Восток инженеринг“, која управува со наоѓалиштето. „Роснефт“ не одговори веднаш на барањето за коментар на трансакцијата, упатено до Ројтерс во Лондон.
Минатиот ноември, Путин го критикуваше раководството на проектот „Томтор“ за доцнење во развојот на локацијата, сугерирајќи дека компанијата мора да обезбеди инвестиции или да побара поддршка од трети страни, вклучително и државата. Како што рекол тој: “мора да собере инвестиции или да побара помош од трети страни, вклучително и од државата.”
Пред војната во Украина, Русија планираше да вложи 1,5 милијарди долари во ретки метали, со намера да се позиционира на второто место меѓу најголемите светски производители до 2030 година, веднаш зад Кина. Други земји, меѓу кои и САД, исто така се стремат кон намалување на нивната зависност од Кина, која контролира 95 проценти од глобалното производство и снабдување со овие метали.
Русија се наоѓа на петтото место во светот по големина на резерви на ретки метали, според податоците на американската државна геолошка агенција USGS. Само Кина, Бразил, Индија и Австралија располагаат со побогати наоѓалишта.
Според проценките на USGS, руските резерви изнесуваат 3,8 милиони тони. Во согласност со стратегијата за развој на секторот, Русија има за цел да стане еден од петте најголеми производители на ретки метали до 2030 година, зафаќајќи околу 12 проценти од глобалниот пазар.
сд/фото:ЕПА