Директорот на Дирецијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) во Македонија, Гоце Димовски, заедно со заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денес ја посетија ТИРЗ зоната во близина на Прилеп. За време на увидот во функционирањето на компаниите во зоната, беше најавено проширување и потенцијал за нови инвестиции.
„Целта на оваа посета е да имаме поотворен, поискрен и поблизок пристап до компаниите за изнаоѓање решение за нивните секојдневни предизвици.“ Изјави Димовски. Тој додаде дека Владата се стреми да пронајде решенија за сите компании кои оперираат во ТИРЗ зоните, со цел да ја зголемат нивната продуктивност.
Димовски исто така истакна: “Овде, компаниите во прилепската ТИРЗ зона наскоро, најверојатно ќе ги обноват идните планови за отворање нови работни места и поголем извор од зоните.” Во прилепската ТИРЗ зона моментално работат три компании кои обезбедуваат работни места за повеќе од 3000 луѓе.
“Има заинтересирани компании кои сакаат да инвестираат во наредниот период, да отворат нови производствени единици, што ќе значи нови работни места и поголем извоз.” – рече директорот на ТИРЗ и додаде дека нема индикации за намалување на бројот на вработени или обемот на работа. “Напротив, во наредниот период компаниите ќе ги објават плановите за нови инвестиции.”
Според заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, зоната во Прилеп нуди оптимални услови за напредок. “Имаме директни вработувања, а индиректниот бенефит за локалната и македонската економија е многу поголем, зашто многу повеќе од 3000 вработени егзистираат од зоната и отвораат можности за нови инвестирања.” – изјави Ристески.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, смета дека изградбата на автопатот Прилеп-Битола е од големо значење за ТИРЗ зоната во Прилеп. “Изградбата на автопатот, кој е дел од коридорот 10 значи поврзување на земјава со другите земји и можност за привлекување инвестиции.” – заклучи Јовчески.
ТИРЗ зоната во Прилеп се простира на површина од 67,50 хектари и има потенцијал за проширување.
Фото: МИА и ТИРЗ