Вонредните инспекциски надзори се во тек и ќе бидат уште поинтензивни по Велигденските празници, без никакво одложување. Ова го изјави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во врска со имплементацијата на законската мерка која ги задолжува трговците да ги објавуваат цените на производите на нивните веб-страници и да ги ажурираат секојдневно до 10 часот.
Ристески посочи дека првично ќе бидат издадени опомени, а потоа ќе следат казни за оние кои не ја спроведуваат мерката, која започна да се применува вчера. Казните се движат од 500 до 10.000 евра.
“Како што почна мерката да се применува, така и пазарниот инспекторат има вонредни контроли. Засилени контроли ќе има по Велигденските празници.”
“Казните за сите оние кои нема да ја почитуваат оваа транспарентност преку нивните веб-страници, содржана во Законот за заштита на потрошувачите, се од 500 до 10 000 евра”, додаде Ристески.
Се очекува сите продавачи да ја почитуваат мерката и нема да има никакво одложување, иако имаше некои барања, особено од аптеките. Можно е да се одржи состанок со нив следната недела.
“Очекуваме сите трговци на мало да ја почитуваат мерката. Мерката стапи во сила од 4 март. Имаше период од 45 дена за приспособување. Мислам дека тој период е доволен.”
Тој појасни дека многу трговци веќе имаат свои веб-страници, и дека само требало да воведат ценовници и да го спроведат она што е предвидено со Законот. Одлагање нема да има.
“Знам дека има одредени барања и како што најави Министерот, можеби наредната недела ќе имаме средба со некои од тие здруженија на аптеки, на трговци на мало.”
“Одлагање нема да има, треба да се применува и да се спроведува, во интерес е на заштита на стандардот на граѓаните преку транспарентното објавување на сите цени, односно, граѓаните да може сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена”, заклучи Ристески.
Со оваа и други мерки, на подолг рок се очекува да се заштити животниот стандард на граѓаните.
ем/вг/ Фото: МИА