23/05/2025

Римокатоличката црква влегува во период на „sede vacante“


По заминувањето на папата Фрањо, Римокатоличката црква влегува во период на седисваканција, кој го обележува времето кога папскиот трон е испразнет.


Терминот потекнува од латинскиот израз „sede vacante“, што значи „празна столица“, и се однесува на периодот во кој Црквата е раководена од Кардиналскиот совет, сѐ до изборот на нов папа.


Во текот на седисваканцијата, папските овластувања не се пренесуваат на никого, а кардиналите имаат доста ограничени административни должности кои се регулирани со апостолскиот устав „Universi Dominici Gregis“ на папата Јован Павле Втори.

Во овој преоден период, мандатот на поголем дел од службените лица на Ватикан завршува, со исклучок на три значајни позиции.


Кардиналот камерленго, во моментов ирскиот кардинал Кевин Фарел, викарот на Рим – италијанскиот кардинал Балдасаре Реина и Големиот пенитенцијар – италијанскиот кардинал Анџело Де Донатис, продолжуваат со своите должности, а Кардиналскиот совет го презема управувањето со Црквата, обезбедувајќи ги секојдневните административни обврски и подготовките за конклавата.

Процесот на избирање нов папа, наречен конклава, започнува откако папскиот престол е испразнет, било поради смрт или, како во ситуацијата со Бенедикт Шеснаесетти, поради абдикација. рп/Фото: ЕПА. Извор: МИА