Рекордно намалување на емисиите на стакленички гасови во ЕУ


Нето емисиите на стакленички гасови ва ЕУ лани биле намалени за 8,3 отсто во споредба со 2022 година, што претставува најголем пад на годишно ниво во последните неколку децении, со исклучок на пандемиската 2020 година кога емисиите беа намалени за 9,8 проценти, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Унијата во климатските активности за 2024 година објавен денеска.


Во документот се посочува дека нето емисиите на стакленички гасови сега се за 37 отсто пониски од нивото во 1990 година, додека во истиот период БДП порасна за 68 проценти, што ја докажува неповрзаноста на намалување на емисиите и со економскиот раст.


 – ЕУ е на добар пат да ја постигне својата заложба за намалување на емисиите за најмалку 55 отсто до 2030 година, се додава во Извештајот.

 Според ЕК, емисиите на штетни гасови од електроенергетските и индустриските инсталации во ЕУ лани забележале рекордно намалување од 16,5 отсто, со што се за 47,6 проценти помали во однос на 2005 година и ја прави реална амбицијата за нивно намалување за 62 отсто до 2030 година.


 Емисиите на гасови, пак, од производството на електрична и топлинска енергија се намалени за 24 отсто на годишно ниво, најмногу како резултат на растот на користењето на обновливи извори на енергија, особено еолска и соларна.

 Емисиите во градежништвото лани бележат пад од 5,5 отсто, во земјоделството од два, а во транспортот за нешто под еден процент.


 Најголем раст на емисиите на стакленички гасови има во воздухопловството и тоа за 9,5 отсто, со што продолжува пост-КОВИД трендот на зголемување на количеството ослободени гасови во овој сектор.

 Комисијата посочува дека иако овој извештај дава „охрабрувачки вести“ за намалувањето на емисиите на штетни гасови во ЕУ, сепак минатата година како последица на климатските промени се случија повеќе елементарни непогоди, кои предизвикаа човечки и материјални загуби.


 Минатата 2023 година беше една од највлажните досега, кога Европа се соочи со поголем број разорни поплави, но и со еден од најголемите шумски пожари што некогаш бил забележан, големи топлотни бранови и континуирано зголемување на температурите.

 – Потребни се континуирани активности за да се осигури дека ЕУ ќе ги исполни своите цели до 2030 година и ќе се постави на вистинскиот пат за да ја ги оствари своите цели за 2040 година и нето нула емисии до 2050 година.

ЕУ, исто така, мора да го продолжи својот меѓународен ангажман, почнувајќи од КOП29 следниот месец, за да се обезбеди дека и нашите меѓународни партнери ги преземаат неопходните активности, посочува ЕК.

 Комисијата проценуваа и дека се бележат подобрувања во адаптацијата на земјите членки на ЕУ на климатските промени, како и во зајакнувањето на отпорноста кон нив.

 Извештајот за напредокот во климатските активности дава приказ на резултатите од напорите насочени кон остварување на целите на ЕУ за намалување на емисиите на штетни гасови и во борбата против климатските промени.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА