15/01/2026

Фото: https://pixabay.com/photos/banner-europe-flag-eu-european-2608475/

Реакциите во Европа по интервјуто на Трамп за „Политико“


Сојузници не интервенираат во внатрешните работи на другите, критиките се насочени погрешно, а Европа е способна сама да ја брани својата демократија – ова се дел од реакциите на европските лидери на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, дадени во интервју за бриселскиот портал „Политико“.


Во споменатото интервју, Трамп меѓу другото посочи дека Европа е „заедница на нации во опаѓање“, предводена од „немоќни личности“, дека миграциската политика на ЕУ е „катастрофална“, дека градоначалникот на Лондон е „неспособен“, и дека руската инвазија врз Украина во 2022 година немаше да се случи доколку тој тогаш беше претседател на САД.


Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничка прес-конференција со ирскиот премиер Мајкл Мартин во Даблин, одговарајќи на прашање за коментар на ставовите на Трамп, истакна дека сојузниците не треба да се мешаат во внатрешната политика едни на други.

„Ние сме сојузници на САД и сојузниците мора да се однесуваат како сојузници. Тоа значи дека не треба да се мешаме во внатрешниот политички живот на нашите земји“, изјави Кошта. Тој додаде дека ЕУ го почитува изборот на Американците, и очекува заемно почитување на демократскиот избор на европските граѓани. „Ние сме доволно силни сами да дефинираме што значи слобода на изразување и политичка слобода“, потенцира Кошта.


Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, оцени дека обвинувањата на Трамп се „упатени на погрешна адреса“. Според неа, критиките за „распаѓање“ наместо кон ЕУ, треба да бидат насочени кон Русија, каде што „слободните медиуми, политичката опозиција и слободата на изразување се често ограничени“. „ЕУ е суштината на слободата“, рече Калас, иако нагласи дека Европа останува „најважниот сојузник на САД“.

Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, изјави дека Европската Унија е задоволна и благодарна за своите одлични лидери. „Почнувајќи од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која сме навистина горди и која може да нè води во справувањето со глобалните предизвици. Исто така, имаме и многу други лидери на чело на 27-те земји членки, кои се дел од овој европски мировен проект, кои ни помагаат да се справиме со сите предизвици и покажуваат дека можат да бидат обединети“, истакна Пињо. Таа додаде дека обединетите лидери на ЕУ успешно ги надминуваат сите предизвици, од војната во Украина, преку трговските односи, до енергетската криза. „Горди сме на нашите лидери“, заклучи Пињо.


Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, коментирајќи ги критиките на Трамп, изјави дека Американци доаѓаат да живеат во Лондон токму поради неговите либерални вредности, правејќи го градот „антитеза на Трамповата Америка“. „Очигледно, претседателот мисли на мене“, рече Кан.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, иако не ги коментираше директно изјавите на Трамп, се осврна на делови од новата Стратегија за национална безбедност на Американската администрација, кои содржат слични оценки за ЕУ, според кои европскиот континент е на „пат кон цивилизациско бришење“, Унијата претставува „закана за демократијата“, и се повикува на „отпор од страна на европските нации кон моменталната траекторија на Европа“, за што се ветува и американска помош „за исправање“ на таа траекторија. „Нешто од тоа е разбирливо, нешто е логично, но нешто од тоа е и неприфатливо за нас од европска перспектива. Не гледам потреба Американците сега да сакаат да ја спасат демократијата во Европа. Доколку треба да се спасува, ние сами би го направиле тоа“, рече Мерц. Тој додаде дека тонот на Стратегијата ја потврдува неговата оценка оти ЕУ треба да стане многу понезависна од Вашингтон во однос на безбедноста и одбраната. „Во моите разговори со Американците им велам: „Америка на прво место“ е во ред, но „Америка сама“ не може да биде во ваш интерес. Ви требаат и партнери во светот. Еден од тие партнери би можела да биде Европа“, смета Мерц.


Трамп во интервјуто процени дека доколку ништо не се промени во Европа, многу европски земји „повеќе нема да бидат одржливи“. „Нивната миграциска политика е катастрофа“, изјави Трамп, додавајќи дека мигранти доаѓаат во Европа „од сите краеви на светот“ и тие „носат поинаква идеологија“, што европските земји „ги прави слаби“. Според него, европските земји ги „уништуваат“ нивните лидери. „Тие се љубезни луѓе, но се слаби“, оцени претседателот на САД.

Трамп смета дека за Европа би било подобро доколку го следи примерот на американската миграциска политика. „Во Европа, тие сакаат да бидат политички коректни и не ги враќаат (мигрантите). Не мислам дека знаат што да прават. Европа е уништена. Моите корени се во Европа и не ми се допаѓа да го гледам ова што се случува. Европа е одлично место, но тие едноставно примаат секого“, изјави Трамп. Притоа, тој го нападна и градоначалникот на Лондон, Садик Кан. „Видете го Лондон. Има градоначалник по име Кан. Тој е ужасен, лош и некомпетентен градоначалник. Тој има поинаква идеологија од онаа што треба да ја има, а беше избран само од дојденци“, рече Трамп.

На прашањето дали Европа и САД „можат да останат сојузници“, Трамп одговара: „Зависи“. „Тие ќе ја променат својата идеологија поради луѓето што сега доаѓаат. Тоа ќе ги направи многу послаби и ќе биде поинаку“, изјави Трамп.

Во интервјуто, американскиот претседател одговара и на прашања поврзани со Украина, при што вели дека инвазијата никогаш немало да се случи ако тој бил претседател на САД во 2022 година. Според него, Украина „мора да соработува“ во однос на неговиот мировен план, кој, како што тврди, вклучува давање територијални отстапки кон Русија. Ваквиот став, Трамп го оправдува со оценката дека Русија „во моментов несомнено има предност во војната“, а Украина изгубила „многу стратешка територија“.

Трамп вели и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би требало да се согласи во Украина да се одржат претседателски избори. „Мислам дека е важно да се одржат избори. Тие ја користат војната како изговор да не одржат избори. Можеби Зеленски би победил. Не знам кој би победил. Но, тие немале избори долго време. Знаете, тие зборуваат за демократија, но во одреден момент, тоа веќе не е вистинска демократија“, оцени Трамп.

Кога станува збор за европското учество во мировните преговори за Украина, Трамп смета дека Европа само зборува, а не придонесува ништо. „Тие не знаат што прават“, вели Трамп.

Во врска со оценките во американската Стратегија за национална безбедност дека САД треба да помогнат Европа да се врати на „вистинската траекторија“, Трамп во интервјуто изразува попомирлив став, притоа потврдувајќи ја својата поддршка за европски лидери од типот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „НАТО ме нарекува „тато“, па имам право на глас. Но, јас сакам да ги водам САД, а не Европа“, додава Трамп.

Кога станува збор за НАТО, Трамп одново нагласува дека нема планови за повлекување на САД од Алијансата, но го повторува своето барање Европејците „да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана“.