Синдикатот на културата на Република Северна Македонија денес, преку соопштение, ја изрази својата огорченост во врска со неисплатените мартовски надоместоци за вработените во културниот сектор, поради, како што тврдат, задоцнетото приспособување кон минималната плата во согласност со одредбите од Колективниот договор за култура и Општиот колективен договор. Тие најавија активности на самиот почеток на следната седмица.
“Вработените во културата во Република Македонија останаа со едно големо ништо за најголемиот христијански празник „Велигден“.”
Од синдикатот потсетуваат дека секој март од 2021 година наваму, кога се врши корекција на минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата според Колективниот договор, и оваа година, културните работници се соочуваат со проблеми. “Овој пат – и БЕЗ ПЛАТА! За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок”, стои во соопштението.
СКРМ смета дека, иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата, се случиле “стандардни игри со пресметките за плата, кои институциите ги направија според законите и колективните договори, но кои не беа прифаќани од Министерството за култура и беа враќани назад.”
Во нивната реакција се посочува дека според Колективниот договор за култура, платата требало да биде исплатена до 10-ти во месецот, а според законите во државата до 15-ти, но тоа не се случило и нема официјално објаснување. Поради тоа од СКРМ најавуваат: “Нема никакво официјално образложение зошто, само бледи, нелогични, неповрзани и конфузни изјави на министерот за култура по различни медиуми. Во еден медиум ги обвини институциите за ненавремено изготвување на пресметките, а во друг кажа дека тие како министерство на 11 април одлучиле дека ќе ја исплатат платата „како и до сега“, за да не доцнела, па „ќе сме се договарале за понатаму“.”
Врз основа на овој исход, како и одлуките донесени на состанокот на Советот на СКРМ на 8 април, СКРМ најавува протестен Совет во проширен состав на 22 април 2025 година, во 12 часот пред Министерството за култура.
Од СКРМ наведуваат дека доколку се случи неоснована преправка на платите, тие ќе поднесат кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, кои иако во конкретноиот случај се најмалку виновни, сметаат дека се најмногу одговорни.
Тие најавуваат и поднесување индивидуални тужби до институциите за неисплата на платите согласно Колективните договори и за парично побарување за задоцнето исплаќање на платите за изминатите 3 години, ќе ги информираат странските амбасади и претставништва, особено на ЕУ и на САД, за кршење на загарантираните уставни и работнички права во Северна Македонија. Исто така ќе се обратат и до сродните синдикати од Европа и САД и ќе побараат нивно инволвирање во процесите на кршење на правата на вработените во културата, а дополнително ќе информираат за понатамошните чекори за кои СКРМ ќе одлучува во зависност од ситуациите.