10/07/2025

Прва холандска трговска мисија од секторот за управување со води во Северна Македонија


Тринаесетчлена делегација од холандскиот сектор за управување со води учествуваше во првата трговска мисија во Северна Македонија на 7 и 8 ноември, насочена кон истражување на можностите за соработка во заштитата од поплави и управувањето со отпадните води. За време на мисијата организирана од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и Холандската агенција за претприемништво (РВО) тие се сретнаа со локалните партнери од јавниот и приватниот сектор како и со претставници од меѓународните организации кои работат на ова поле.


– Мисијата го истакнува силното партнерство меѓу Холандија и Западен Балкан, како и нашата меѓусебна посветеност за зајакнување на економскиот раст, стабилноста и регионалната интеграција. Холандија останува посветена во поддршката за Западен Балкан на патот кон европската интеграција – изјави координаторот на делегацијата Вим Мааскант.


Во нејзиниот поздравен говор амбасадорката на Холандија Узлем Џанел ја потенцираше итната потреба од паметни и одржливи решенија во водостопанскиот сектор. – Ова е предизвик со кој не можеме да се соочиме самостојно, туку заедно, преку вистински партнерства и иновативни пристапи можеме да ги заштитиме нашата животна средина и нашите заедници – рече таа.

По работните средби во Скопје, холандската делегација го посети одводниот систем Таор во близина на Скопје, како и прочистителната станица во општина Кочани, единствената во регионот која не креира отпад и претставува пример за циркуларна економија.


Амбасада на Кралството Холандија