Денес во објектот на Кинотеката во Скопје ќе се случи презентацијата на кусометражниот анимиран филм и на сликовницата „Желба“.
Промотори на „Желба“ ќе бидат Маја Цветаноска, психолог со долгогодишно искуство во вклучувањето на различните деца во главните општествени текови и Владимир Мартиновски, поет, мултимедијален уметник и декан на Филолошкиот факултет при УКИМ.
Од Центарот за попреченост ПРКОС известуваат дека „Желба“ е во два формата и ја следи животната патека на едно момче во количка кое посакува да летне во вселената.
„И кое кога една вечер ќе види ѕвезда што паѓа си замислува желба да стане астронаут. Дали желбата ќе му се исполни, ќе дознаете откако ќе го изгледате краткиот анимиран филм и/ли ќе ја прочитате илустрираната книга за мали и големи“.
„Желба“ е нарација за фантазиите, соништата, (над)реалноста, возвишеноста, (при)земноста, истрајноста, науката, волјата, ѕвездите, копнежите, надежите, стремежите. . . , соопштуваат од ПРКОС.
Сторијата и текстот на „Желба“ се на Ирена Поповска, додека анимацијата и илустрациите се на Верица Тенекеџиева, дипломиран аниматор и ова е нејзин прв независен анимиран филм. На Ирена Поповска, „Желба“ ѝ е втора сликовница со специфична тематика.
Фото: Фејсбук- Центар за попреченост ПРКОС.