23/05/2025

Продавниците од петок ќе ги објавуваат цените на интернет


Од петок, супермаркетите, аптеките и продавниците за електроника и мебел ќе имаат должност да ги презентираат цените на нивните артикли на официјална интернет страница.


Оваа обврска произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите, кои стапуваат на сила на 18-ти во месецот (петок), откако по нивното одобрување во Парламентот и објавување во Службен весник на 4-ти минатиот месец, Министерството за економија во предвидениот рок од 45 дена изработи Правилник за начинот на објавување на цените на производите и податоците што треба да бидат објавени од страна на мал, среден и голем трговец кој оперира во областа на малопродажбата.


Во Правилникот се прецизира дека малиот, средниот и големиот трговец кој е активен во секторот на малопродажбата во согласност со Националната класификација на дејностите, ги објавува цените на артиклите што ги нуди на пазарот на својата веб-страница на транспарентен и пристапен начин, преку посебен дел од веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник). Објавените цени мора да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна идентификација.

Цените на производите (актуелната продажна цена, единечната цена, промотивната или акциската цена) за секој поединечен продажен објект на трговецот се публикуваат на веб-страницата согласно ставот (1) на овој член и ги содржат информациите дефинирани во Прилогот, кој е составен дел на овој правилник. Доколку трговецот нуди промотивни или акциски цени, на веб-страницата на трговецот мора да биде прикажана стандардната цена, процентот или вредноста на попустот, како и времетраењето на промоцијата или попустот.


Како што е наведено во Правилникот, трговците се должни да ги ажурираат цените на производите на дневна основа, односно секој работен ден до 10:00 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка при ажурирањето на цените на производите, трговецот е должен да ја исправи грешката во рок од 24 часа.

Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески минатата недела изјави дека со измените во Законот за заштита на потрошувачи се обезбедува транспарентност на цените бидејќи малите, големите и средните маркети ќе мора да ги објавуваат на нивните веб страници. “Тоа ќе им даде можност на купувачите да одлучат од каде ќе купуваат”, изјави Ристески во одговор на новинарско прашање.


Ристески нагласи дека тоа е израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува во Израел, Италија, Хрватска. “Една од новите можности за контрола на цените, како што рече, е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10,000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена”, дополни тој.

“Покрај тоа, оперативно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, која ревносно работи од јануари наваму, откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало”, изјави Ристески.


Тој оцени и дека мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците дава резултати и има дефлација од 1,3 отсто во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто.