Breaking News

Премиерот Мицкоски денеска ќе го започне својот мандат


Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски денеска официјално ќе го започне својот мандат.


  Во Владата е предвидено примопредавање на премиерската функција од досегашниот претседател на техничката влада, Талат Џафери, по што двајцата ќе имаат кратка средба.


Церемонии за примопредавање на функциите ќе се спроведат и во министерствата меѓу министрите од техничката Влада и новоизбраните министри.

Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.


Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиот фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега.

15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.


Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински.

Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски.


Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши.

Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.

 Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава при што заклетвата ја положија користејќи го уставното име на државата.

 Мицкоски во своето експозе пред гласањето за новата Влада рече дека во првите 100 дена Владата ќе има напорна работа, дека ќе работи на намалување на даноците, зголемување на пензиите, дека Владата ќе отпочне проект со над 200 милиони евра за општинските, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до пет проценти на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни проекти.

Мицкоски нагласи дека ова ќе биде влада за народот.

Обвинувањата од опозицијата во изминатите два дена, рече дека ги смета за депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните и оти тие биле дефокус од нивните реални проблеми.

-Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези – првата е Преспанскиот договор и вратете го името и втората е францускиот предлог и преговарачката рамка, рече Мицкоски, обраќајќи се кон пратениците на СДСМ.

Рече дека додека тој е премиер, бугарски диктат под вакви околности нема да помине и нема да има уставни измени.

 – Уште еднаш да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени, тоа да ви е јасно. Направивте грешка.

Таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија.

Зошто? Затоа што тогаш пред да влегувате во такви авантури требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме.

Тогаш ќе беше јасно дека таа работа едноставно така како што вие или некој друг ја замислил едноставно не врви.

Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив.

И ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ, оваа неправда да ја исправам.

За жал, во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам, рече Мицкоски.

Изборите ги изгубивте, рече меѓу другото, „затоа што ви играа фудбалчиња, понижувајќи ве вас, пред се, како личности вашите коалициони партнери, а потоа и Македонија како држава“.

Повтори дека неговата рака останува подадена за се што е национален интерес за државата, а државата, како што рече, ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат и создаваат за граѓаните.

– На граѓаните им е потребен фокус, на нивните реални проблеми и предизвици, создавање стабилен и професионален здравствен систем кој ќе биде во функцијата на секој граѓанин, создавање на образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски текови, им треба повисок стандард, повеќе пари, поквалитетн живот, мирни и спокојни достоинствени пензионерски денови, функционални институции, желба да живеат и да создваат тука во Македонија.

Овие работи заради вашата несовеснот и неодговорност, за жал, беа уништени, рече Мицкоски, обраќајќи се кон опозоциските пратеници на СДСМ.

 Пратениците од мнозинството и опозицијата ги спротивставија ставовите околу програмата на новата влада и нејзините кадровски капацитети.

ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борба против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи, а СДСМ, пак, изрази сомнеж во реализацијата на ваквите ветувања бидејќи нема рокови за нивно спроведување.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата. вг/бак/Фото: МИА        .

Извор: МИА