Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со шест додадени народи во Преамбулата 


– Работната група на Министерството за правда на вчерашната седница ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија.


Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.


Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи, односно после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ.

Како што информираше вчера претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска, одлуките биле изгласани едногласно.


– Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба.

Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи.


После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, изјави Николовска.

 Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2.


Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.

 Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.

 -Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува Народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на Комитетот, рече Цаца Николовска.

Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост. – Ова е наративниот текст.

Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието.

Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие да речам предлог-измени, за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа, изјави Цаца Николовска.

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го повика премиерот Димитар Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание и доколку се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка.

Мицкоски повтори дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема.

– Ја користам оваа прилика и го повикувам човекот кој што е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот кој што ја води Владата, Артан Груби заедно со Али Ахмети да ги достават овие барања во Парламентот односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат пратениците да се изјаснат.

Еве час поскоро, нели викаат континуирано од минатата година, помина една година, а ние слушаме е сега во септември имаме 2/3 мнозинство, помина септември, дојде октомври, е не до октомври туку до крај на година, па помина 2022 година, е не било до крај на година, било до февруари, помина февруари, сега викаа мај, еве го и мај поминува.

Затоа ајде еве еднашка нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски и да изгласаат пратениците, да видиме како ќе гласаат, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Кислева Вода.

Сенаторот Крис Марфи, пак, вчера од Вашингтон ја пренесе пораката дека Северна Македонија ја има поддршката од САД за нејзиниот пат кон членство во ЕУ, но на земјата и претстои јасен избор доколку сака да продолжи по патот на евроинтеграциите.

Од власта ја потврдија посветеноста, од опозицијата го повторија ставот дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема, и го повикаа премиерот да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание, а  ако се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка.

 Сенаторот Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, ги повика пратениците во Собранието и граѓаните на земјава да ги преземат потребните чекори за да се овозможи проширувањето.

– Тука сум за да се осигуриме дека САД праќаат навистина силна порака до нашите партнери и до вашите партнери во Собранието, пратениците, како и до луѓето во Северна Македонија.

Ние ја поддржуваме вашата одлука да се приклучите кон ЕУ и ве повикуваме да ги преземате потребните чекори за да го овозможите ова проширување, нагласи тој.

Потенцира дека патот на земјата кон ЕУ беше долг и дека многумина поставуваат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е вистинската можност. – Тука сум да ви кажам дека е.

 Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО. Дека Северна Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но вие ги презедовте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана.

Потпишавте историски договор, којшто ја овозможи таа покана, и денес Северна Македонија е членка на НАТО Алијансата.

И навистина посакувам тоа да добиеше повеќе внимание, се случи во време на ковид, и можеби не сите тука сфаќаат што значи тоа да се има безбедносна гаранција од САД, рече сенаторот Марфи.

Сега, додаде тој, има слични чекори коишто треба да бидат преземени со цел земјава да се приклучи кон ЕУ, но, потенцира, има и нова можност за ЕУ проширување.

– Војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени. Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот.

И затоа ова е нова реална можност за проширување, а Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика.

Овие уставни измени, технички измени на Уставот, се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ.

Ова е нова можност која што се укажува за проширување, вели Марфи, кој е добар познавач на регионот.

Приклучувањето кон ЕУ, посочи американскиот сенатор, значи брз економски раст, високи плати, повеќе американски компании коишто ќе доаѓаат во Северна Македонија, наведувајќи при тоа што би значело доколку не бидат донесени уставните измени- Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности.

Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но луѓето во САД, лидерите во САД ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени тука во следниве неколку месеци.

И сите тие се надеваат дека вашата одлука ќе биде усогласена со нашите безбедносни мерки преку НАТО, и ќе биде усогласена со слична одлука да се остане на патот на ЕУ, барем во поглед на економските прашања, вели Марфи изразувајќи надеж дека од Скопје ќе слушне добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон ЕУ.

Премиерот Ковачевски по средбата со сенаторот Марфи, подвлече оти несомнено ни претстои пат со тешки и храбри одлуки, на кој ја имаме силна поддршка од САД, но и дека тоа не е одлука на еден човек, една влада или една политичка партија, туку на сите политички актери во државата.

– Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на ЕУ. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација.

Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ.

Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат.

На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ, подвлече Ковачевски.

 Три декади поддршка од САД на реформските процеси, на систем за добро владеење, борба против корупцијата и поддршка на демократските процеси во земјата вклучително и зајакнување и унапредување на економскиот развој на државата, нагласи Ковачевски, заедно со голем труд кој како земја го вложуваме во демократизацијата, даваат резултати.

– Имаме наше високо позиционирање на демократскиот напредок на прво место во однос на другите земји од Западен Балкан според мерењата на Freedom House.

Според мерењата на Reporters without borders од 118-то место во светот во 2016, стигнавме на 38-мото место во светот по слободата не медиумите, а само во мојот мандат се качивме погоре на листата за 19 места за 1 година, потенцира Ковачевски.

Ги издвои „Бехтел и Енка“ кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, како и Јагео, еден од најголемите светски производители на чипови, односно Кемет со кого работат во партнерство како најскоро позната инвестиција кои, според него, ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир при вчерашната посета на Крушево, порача дека процесот на реформи и нивното импелемнтирање треба да се движи многу брзо.

Динамиката на спроведувањето реформите не е толку брза како што ние би сакале, вели тој.

Што се однесува до уставните измени прво што треба да се направи е да се демистифицира сиот тој процес, смета Гир, но и дека со придвижување на процесот напред земјата не го губи идентитетот, јазикот, ниту пак историјата.

На новинарското прашање за процесот на реформите и за процесот на уставните измени, евроамбасадорот Гир рече дека живееме во извонреден момент во историјата на целиот свет, поради војната што се случува во Украина, која всушност значи засилување на процесот на проширување на Европската унија.

Земјата, според него, има огромна можност и можноста што се нуди не треба да се пропушти.

 – Првата работа што сакам да ја потенцирам, а се однесува на уставните амандмани, тоа е суверена одлука што треба да се носи од самата земја.

Треба да се разгледаат сите предлози кои ќе произлезат од работната група за уставните амандмани и, всушност, да се направи, да се објасни експлицитно тоа што стои имплицитно во самиот Устав за да можат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари  да бидат вклучени во Уставот.

Всушност, со самото придвижување напред вашата земја не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту пак историјата. Искуството од тие земји кои се зачлениле во Унијата е токму спротивното.

Како што земјата напредува на тој пат кон ЕУ, всушност како зајакнува како земја, така и идентитетот и јазикот на земјата во рамките на Европската унија се засилуваат, изјави Гир.

ар/вг/Фото: МИА архива .

Извор: МИА