23/05/2025

Пауел: Трамповата царинска политика ризикува инфлација, вработеност и економско забавување


Шефот на американските Федерални резерви, Џером Пауел, рече дека ФЕД ќе почека дополнителни информации за да ја оцени насоката во која се движи економијата пред можни модификации на каматните стапки.


Во обраќање внимателно следено од економистите и аналитичарите, тој предупреди дека тарифната политика на претседателот Доналд Трамп би можела да резултира со отстапувања од целите на централната банка на САД поврзани со инфлацијата и вработувањето. Ова беа првите забелешки на Пауел откако Трамп минатата седмица одложи дел од најригорозните царини.


Тој ја опиша неодамнешната нестабилност на пазарите како очекувана реакција на трговските промени, а не како сигнал за економска криза што бара итна интервенција од страна на ФЕД. „Економијата може да се соочи со предизвици доколку тарифите ги зголемат ценовните притисоци, а растот и пазарот на труд може да забават. Ова може да доведе до понатамошни отстапки од таргетираната инфлација од 2 отсто и максимална вработеност – двата основни приоритети на Фед“, истакна Пауел.

Тој додаде дека „ефектите од царините се посилни отколку што укажуваа дури и најпесимистичките сценарија на Фед, а растот на економијата изгледа забавува. Потрошувачката е скромна, растот на увозот со цел избегнување на најавените царини може да влијае врз БДП, а економското расположение се влошува“, рече Пауел.


И покрај тоа, Пауел додаде дека економијата сè уште е во добра состојба, но со зголемена несигурност. На овие коментари синоќа реагираа берзите на Волстрит, со пад на акциите на главните американски технолошки и индустриски индекси. Тргувањата денеска започнаа и продолжија во црвено салдо.