Партиите во Грција ги трчаат последните километри од предизборниот маратон 


– Предизборниот период во Грција кулминира со митинзи и централни говори во Атина на лидерите на грчките партии, кои веќе, на четири дена пред изборите, ги трчаат последните километри од предизборниот маратон, јави дописничката на МИА од Атина.


Претседателот на социјалистичката ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, која според рејтинзите е трета политичка сила во Грција и генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас, вечерва на две различни локации ќе ги одржат нивните собири во Атина.


Четврток пред изборите, традиционално е резервиран за предизборен митинг на опозициската партија, односно СИРИЗА во конкретниот случај, а лидерот Алексис Ципрас ќе одржи говор на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент.

В петок, на последниот ден од предизборниот период, централен собир и говор во Атина ќе одржи актуелниот премиер и претседател на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, кој се очекува да ја опише програмата за следните четири години, доколку добие нов мандат од граѓаните.


 Лидерите на партиите, особено на Нова демократија и СИРИЗА, освен традиционалните митинзи и интервјуа за информативните емисии, вестите, весниците итн, одбраа да говорат и за поопуштени теми,  гостувајќи во забавни емисии и кај млади блогери и јутјубери, а паралелно Мицотакис и Ципрас се активни на социјалните мрежи, особено на Тик ток.

 Централниот слоган на владејачката Нова демократија е „Стабилно, храбро, напред“ додека на опозициската СИРИЗА „Правда за сите“.


Според истражувањата на јавното мислење во Грција, Нова демократија е на првото место, втора е СИРИЗА, а трета ПАСОК – Движење на промена, додека пак околу десет отсто, односно еден од десет анкетирани сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Изборите в недела ќе се спроведат според пропорционалниот модел што не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник, што значи дека ќе биде многу тешко да се формира еднопартиска Влада, а доколку партиите не коалицираат, земјата ќе оди на втори избори на почетокот на јули.


ср/рп/ .

Извор: МИА