17/06/2025

Панел-дискусија во Охрид за предизвиците наметнати од промените во светските економски и монетарни процеси


„Деглобализација, нова економија или нов меѓународен поредок?“ – ова беше темата на дискусија на панелот што го организираше Здружението на финансиските пазари на Македонија денес во Охрид.


Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската берзанска асоцијација, истакна дека глобализацијата не само што е предмет на дискусии во јавноста, туку сега се разговара за мултиполаризација, деглобализација, затворање на пазарите и царински мерки.


„Ова што се случува со царините воведени од САД, по со нивното одложување за 90 дена, го прави светот 90 дена заложник. Крајната неизвесност што постои во светот во голема мера влијае врз активностите на носителите на економските и на монетарните политики“, рече таа.

Говорејќи за тоа како македонската економија треба да се справи со ваквите неизвесни услови, Штериева посочи дека тоа во голема мера ќе зависи од поврзаноста на домашните економски чинители со другите компании, нивниот извоз и врските со ЕУ.


„Многу повеќе зависи како тие пазари ќе функционираат, во која насока ќе се одвива трговската размена. Би рекла дека многу ќе зависи како нашите главни трговски партнери ќе реагираат, пред сè Германија. Доколку во Германија има рецесија и намалување на нарачките, секако тоа ќе се одрази врз македонската економија“, посочи таа.

Професорот на Економскиот факултет во Скопје при УКИМ, Борче Треновски, од своја страна изјави дека македонската економија, како мала и отворена, е особено чувствителна на вакви глобални економски и финансиски потреси, па оттаму е потребата од вакви дискусии, панели и форуми на кои би се идентификувале правците на движење на промените и, според тоа, би се утврдиле каналите на пренос на глобалните шокови врз националната економија, како и мерките за нивно ублажување.


„Тука сме за да ги утврдиме мерките за подготовка за периодот што доаѓа, да се направи и преструктуирање бидејќи глобалните промени отвораат и други можности. Не можеме да спречиме ефекти врз домашната економија, но колку подобро се прилагодиме, на среден рок би можеле да излеземе со подобра економска состојба. Преструктуирањето отвора и нови можности за привлекување нови инвеститори, настап на нови пазари… Како исклучително важна во овој период ја сметам економската дипломатија“, рече тој.

Ванчо Узунов, професор на УКИМ, смета дека светските економски преструктуирања се привремено нарушување на состојбите и дека она што се нарекува деглобализација е повеќе своевидна забавена глобализација, раѓање на мултиполарен свет со повеќе економски центри.


„Во последно време промените во светски рамки се особено изразени. Одговорот на мала економија како македонската сега е мошне едноставен. На Македонија дефинитивно ѝ требаат структурни реформи, она што го зборуваме 30 години, и прилагодување на регулативата согласно условите на ЕУ. Во економска смисла, од новите големи играчи, наш стратешки партнер не се ниту САД ниту било кој друг освен ЕУ. Тоа би бил најдобриот рецепт за нас – не формален туку суштински аспект на економските реформи“, рече Узунов.