18/04/2025

Отворен градскиот базен Куманово


Од денеска повторно е во функција градски базен Куманово, извршени се поправки, уредувања и базенот е подготвен да ги прими клубовите и граѓаните, соопштија денеска надлежните од ЈП „Куманово-Паркинг“ кои од неодамна менаџираат со комплексот.


Базенот беше затворен од 18 октомври, лани поради високи сметки за електрична енергија и гас. Како што соопштија на денешната прес-конференција надлежните, извршен е делумен машински сервис, планирани се дополнителни зафати и сервисирање, се очекуваат филтри од земјите од ЕУ, има и нови мурали. Надлежните од ЈП уверуваат дека хигиената ќе биде на највисоко ниво, топлината ќе биде согласно пропишаните стандарди.


– Донесена е одлука на совет, имаше голем интерес од клубовите и граѓаните за користење. Нема да има зголемување на цените, ги презедовме утврдените цени од ЈП „Чистота и Зеленило“, изјави, директорот на ЈП „Куманово-Паркинг“, Сашо Петрушевски.

Тој најави дека одредени се пет милиони денари за поставување фотоволтаици и пет милиони денари за воведување топлотни пумпи. Овие средства донесени со одлука на советот ќе придонесат да се намалат сметките за енергенсите.


– Ниту еден базен во Европа не е финансиски исплатлив, во развиените држави базените функционираат со дотации од држава, општина и ние работиме на тој систем. Во наредниот период планираме во делот на енергетската ефикасност, базенот да биде независен од гас и струја, затоа се овие средства од десет милиони денари, изјави Петрушевски.

Постапката за поставување фотоволтаици е во тек. Планирано и воведување на бесплатни часови по пливање за учениците.


Цената на еднодневниот билет е 150 денари, месечно е 3.000 денари. ам/ир