Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денес изјави дека Унгарија не може да го поддржи приклучувањето на Украина кон Европската Унија, бидејќи, според неговите зборови, “достигнувањата што се постигнати досега мора да бидат заштитени”.
Во интервју за државното радио, Орбан објасни дека досегашното проширување на ЕУ било од полза за постојните земји членки, како што е Унгарија, но дека влезот на Украина во блокот би бил штетен за Унгарија, пренесе МТИ.
“Зошто мораме да губиме, кога би можеле да оствариме корист, или барем да го заштитиме она што сме го постигнале”, праша Орбан.
Тој посочи дека слободниот проток на украинска работна сила би можел да ја загрози целосната вработеност во Унгарија, што тој го смета за најголем успех во изминатите 15 години.
Исто така, нагласи дека членството на Украина во ЕУ би можело целосно да ги измени финансиските темели на европското земјоделство, што би ги оставило унгарските земјоделци без средства, а стотици илјади семејства би ги довело во многу тешка положба.
Орбан предупреди дека ако Украина стане дел од ЕУ, во Унијата ќе биде внесен конфликт.
“Доколку го одобриме пристапувањето на Украина, војната ќе влезе во Европската Унија, која беше создадена како сојуз за мир”, рече Орбан, апелирајќи на отфрлање на членството на Украина.
Тој додаде дека брзото приклучување на Украина може да “ја уништи унгарската економија” и дека неговата држава може да пропадне финансиски.
Орбан потсети дека жителите на Унгарија имаат право да одлучуваат за датумот на пристапување на Украина, но дека е доста тешко да се поддржи тој процес.