15/02/2026

Општина Македонска Каменица ќе инвестира во развој на Индустриската зона


Општина Македонска Каменица ќе инвестира во развој на Индустриската зона. За таа цел, како што најави градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски планирани се низа активности во самата зона, со цел создавање услови за привлекување потенцијални инвеститори.


-После долги години започнуваме со сериозни инвестиции во Индустриската зона во Македонска Каменица. Ќе асфалтираме три крака кои водат до веќе изградените објекти, а ќе започнеме и со уредување на десетина парцели кои се во општинска сопственост и кои веќе од средината на оваа година ќе бидат подготвени за продажба, информираше Атанасовски.


Целта, како што додаде, е привлекување нови инвеститори од областа на лесната и незагадувачка индустрија.

-Со реализација на овие активности се надевам дека ќе поттикнеме дополнителен економски развој на градот. Паралелно, заедно со Рудник Саса и PrimePoint Partners Macedonia and Montenegro работиме на долгорочен проект за одржлив развој на Македонска Каменица, кој опфаќа сериозна поддршка за постоечките и нови бизниси, поддршка за земјоделие и туризам, додаде Атанасовски.


Во рамки на оваа иницијатива како што дополни планирано е и изградба на нов општински центар за услуги кој ќе биде посредник меѓу сите овие фактори и кој ќе биде двигател на новата економска иднина на општина Македонска Каменица. вс/дма/