– Загадувањето со пластика би можело да се намали за 80 проценти до 2040 година, доколку земјите и компаниите направат длабоки промени во политиката и пазарот, соопшти Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).
За да се направи ова, треба да има повеќе повторна употреба, рециклирање и повеќе преориентирање и диверзификација на пластичните производи, велат авторите на извештајот.
Ова би вклучило владите да промовираат шишиња што повторно се полнат, диспензери на големо, шеми за враќање на депозитите и шеми за враќање на пакувањето – што би можело да намали 30 отсто од пластичниот отпад.
Дополнителни 20 проценти би можеле да се намалат доколку рециклирањето стане постабилна и попрофитабилна индустрија, додека отстранувањето на субвенциите за фосилни горива и принудувањето на дизајнерите на амбалажата да ги подобрат способностите за рециклирање на производите би значело дека количината на пластика што може да се рециклира ќе се зголеми од 21 на 50 проценти.
Употребата на алтернативи како што се хартија или материјали за компостирање наместо пластика за завиткување, кесички и амбалажа за носење, исто така може да заштеди дополнителни 17 проценти од загадувањето со пластика, наведе УНЕП.
Сето ова сепак ќе остави 100 милиони тони пластичен отпад од предмети за еднократна и краткотрајна употреба, за кој УНЕП вели дека може да се справи со поставување и имплементирање на специјално дизајнирани и безбедносни стандарди за негово отстранување, како на пример производителите да бидат одговорни за производи што содржат микропластика.
– Начинот на кој произведуваме, користиме и отстрануваме пластика ги загадува екосистемите, создава ризици за здравјето на луѓето и ја дестабилизира климата … Овој извештај на УНЕП прикажува патоказ за драматично намалување на овие ризици преку усвојување кружен пристап кој ја држи пластиката надвор од екосистемите, надвор од нашите тела и во економијата, изјави извршниот директор на УНЕП, Ингер Андерсен.
– Ако го следиме овој патоказ, вклучително и во преговорите за договорот за загадување со пластика, можеме да извојуваме големи економски, социјални и еколошки победи, додаде тој.
Извештајот насловен „Исклучување на чешмата: Како светот може да стави крај на загадувањето со пластика и да создаде циркуларна економија“, доаѓа пред вториот круг преговори во Париз за глобален договор за справување со загадувањето со пластика.
Авторите на извештајот велат дека преминувањето кон поциркуларна економија ќе резултира со заштеда од 1,27 трилиони долари, додека дополнителни 3,25 трилиони долари ќе бидат заштедени од подобреното здравје, климата, загадувањето на воздухот, морските екосистеми и трошоците поврзани со судски спорови.
Исто така, ќе создаде нето зголемување од 700. 000 работни места до 2040 година, главно во земјите со ниски приходи.
УНЕП вели дека инвестициските трошоци се „значајни, но под трошоците без оваа системска промена“ – 65 милијарди долари наспроти 113 милијарди долари без промената.
Голем дел од ова би можело да се собере со користење на инвестиции кои би биле наменети за поголемо производство на пластика, или со воведување на давачка за пластични производи.
Неуспехот да се воведат овие политики навреме и одложувањето за пет години може да доведе до зголемување од 80 милиони тони пластичен отпад до 2040 година, соопшти УНЕП.
Владата на Велика Британија во јануари соопшти дека воведува шема за враќање на депозитите во 2025 година, при што пластичните шишиња ќе имаат дополнителен трошок што ќе може да се врати откако ќе се рециклираат.
Се проценува дека секоја година во Велика Британија се користат пет милиони тони пластика, од кои половината доаѓаат од пакувања.
Пластика е пронајдена во речиси секој агол на светот, вклучително и на Антарктикот, додека на почетокот на оваа година научниците за првпат забележаа болест предизвикана од пластика кај птиците – наречена пластикоза – која го воспалува дигестивниот тракт.
јт/Фото: УНЕП .
Извор: МИА