Нацрт-законот за систем на плати во јавниот сектор, веднаш по неговото објавување на ЕНЕР, покрена низа реакции. Синдикатите го оценија како лошо системско решение и побараа негово итно повлекување за да се доработи, а негативни забелешки имаат и експертите.
Предлагач на законското решение е Министерството за информатичко општество и администрација, а според образложението објавено на ЕНЕР, причината за негово носење е што во земјава нема воедначена методологија за пресметка на плати во јавниот сектор.
– Во законодавството во Република Северна Македонија не постои единствен платен систем за пресметката на платите на вработените во институциите од јавниот сектор, односно нема единствена методологија за пресметка на платите на вработените во јавниот сектор. Пресметката и исплатата на платите во институциите од јавниот сектор моментално се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институции дури и со правилници – спротивно на начелата и одредбите од Уставот. Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена Методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост, се вели во краткиот опис на нацрт-законот.
Токму ова е и една и од главните забелешки на експертите, според кои, не може да има воедначена методологија на пресметка на плати во јавниот сектор, затоа што тој опфаќа разни дејности и професии. Проблематичен, според нив, е и начинот на кој е подготвен нацрт текстот, бидејќи не се вклучени синдикатите и граѓанските организации коишто се занимаваат со оваа проблематика.
Според Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски односи, Нацрт-законот е доста лош и тоа по повеќе основи. Тој смета дека спорна е самата потреба од носење на едно вакво законско решение, а во него има и одредби кои лесно можат да се искористат за кратење на платите на работниците.
– Самата потреба од ваков закон е крајно спорна. Во објаснувањето за законот е наведено дека моментално не постои единствен систем за пресметка на плати во јавниот сектор, ама не гледам ни зошто би имало. Јавниот сектор воопшто не е хомоген, во него влегуваат разни дејности и професии. Тој не е дефиниран од природата на работата, туку од сопственоста. Тој опфаќа и доктори, и глумци, и новинари, и полицајци, и инженери во хидроцентралите, и чистачи… Зошто би требало да има единствен систем на платите за сите овие дејности и професии, кога се тие толку различни? Апсолутно нема потреба од вакво нешто. Си постојат системски закони кои ги регулираат платите и работните односи и тие се доволни. Не сум слушнал дека има некоја ЕУ земја со ваков закон, вели Јовановиќ во изјава за МИА.
Проблематичен, според него, е и начинот на кој е подготвен законот затоа што не се вклучени синдикатите, граѓанските здруженија и експертите. Тоа е просто недозволиво, вели Јовановиќ, посочувајќи дека не смее закон којшто се однесува на работните односи да се подготвува без претставниците на работниците и без стручната фела.
Јовановиќ предупредува дека законот е во спротивност со меѓународно прифатените правила за пресметка на плати, како што е Конвенцијата за колективно преговарање на Меѓународната организација на трудот (ИЛО), која во земјава е во сила од 2013 и која предвидува дека платите ќе се утврдуваат преку колективно преговарање и договарање меѓу работодавачите (во овој случај Владата) и претставниците на работниците (т.е. синдикатите).
– Имено, со законот синдикатите целосно се игнорираат при утврдувањето на платите во јавниот сектор. Синдикатите во законот се спомнати само еднаш и тоа за секундарно прашање и само доколку постои синдикална организација во институцијата, што честопати не е случај, нагласува Јовановиќ.
Тој оценува дека во законот има многу проблематични одредби, кои лесно можат да се искористат за кратење на платите на работниците.
– На пример, законот предвидува дека вработените можат да не добијат дел од својата плата, доколку со државниот Буџет не се предвидат средства за тоа. Моменталната состојба е таква што Буџетот мора да обезбеди средства за платите, а со ова што сега се предлага, тоа се менува, односно, се предвидува дека дел од платите ќе се исплаќа само ако се предвидени средства во Буџетот. Практично, законот ѝ дава дискреционо право на Владата да не им исплаќа плати на вработените во некоја институција. Со оглед на сето ова, јас гледам само едно објаснување зошто Владата сака да го донесе овој закон, а тоа е за да може да ги скрати платите на вработените во јавниот сектор, вели Јовановиќ.
Тоа, според него, би било многу погрешно бидејќи, како што посочува, платите во јавниот сектор во земјава генерално не се високи, а тоа што некои агенции и јавни претпријатија имаат високи плати не значи дека треба да се кратат платите на сите во јавниот сектор.
– Несомнено постои потреба од реформа на јавниот сектор во Македонија, ама таа реформа не смее да почне од платите. Таа реформа треба да почне со менување на системот на вработување и унапредување, и особено со напуштање на праксата да се поставуваат партиски кадри на раководните позиции во државните институции и да се вработуваат партиски членови. Но за жал, ни ова не го гледаме, туку повторно гледаме дека се оди со „реформи“ кои само ќе им наштетат на работниците, нагласува Јовановиќ во изјавата за МИА.
Во став 2 од член 18 од Нацрт законот се вели дека утврдувањето и исплатата на дополнителните компоненти на плата и надоместоците на плата зависи од тоа дали се обезбедени средства во буџетот на работодавачите од јавниот сектор за таа намена.
– Доколку не се обезбедени средства во буџетите на работодавачите од јавниот сектор за исплата на дополнителните компоненти на плата, истите не може да бидат утврдени ниту исплатени. Доколку не се обезбедени средства во буџетите на работодавачите од јавниот сектор за исплата на дополнителните компоненти на плата кои се веќе утврдени и/или за надоместоците на плата, истите ќе се исплатат во следната фискална година, се вели во став 3 и став 4 од член 18.
И синдикатите со став дека се предлага закон со кој ќе се кратат платите во јавниот сектор. Во реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија објавена веднаш по божиќните празници, се бара итно повлекување на нацрт-законот и негова доработка во консултација со синдикатите и експертите од Меѓународната организација на трудот.
– Според првичниот увид во текстот сметаме дека со истиот се намалуваат правата на работниците во делот за платите и се елиминира можноста за уредување на оваа материја со колективните договори со што значително ќе се влијае на укинување на колективните договори во јавен сектор во кои се уредени системот на плати и нивната исплата, а за што ССМ предупредуваше изминатиот период. Воедно во Нацрт законот е уредено дека исплатата на дополнителната компонента на платата и надоместоците на плата зависи од тоа дели се предвидени средства во буџетот и на тој начин индиректно ќе се врши намалување на платите на вработените во дејностите каде што се исплаќа истата во овој момент, се вели во реакцијата од ССМ.
Според ССМ, она што загрижува е дека платите дополнително ќе се намалуваат доколку работникот користи годишен одмор, што е уставно загарантирано право.
– За време на користење на годишен одмор или специјализирана обука за стручно усовршување, вработените во јавниот сектор имаат право на плата во висина на нивната основна плата, гласи став 2 од член 21 во Нацрт-законот.
Со актуелниот Закон за работни односи, со кој досега беше регулирана методологијата за утврдување на пресметка на плати на вработените во јавниот сектор, во член 112 став 2 е наведено дека работодавачот е должен да им исплати надоместок на платата на вработените „во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор“.
И од синдикатот на УПОЗ, под кој влегуваат најголем број вработени во јавниот сектор, сметаат дека со ваквото законско решение уште повеќе ќе се искомплицира ситуацијата.
Во однос на реакциите на предложеното законско решение, премиерот Димитар Ковачевски во средата изјави дека станува збор за нацрт верзија и дека во текот на наредните недели министерствата за информатичко општество, за труд и социјална политика и за финансии ќе организираат јавни расправи по него со сите заинтересирани страни во кои ќе бидат вклучени и синдикатите и експертската јавност, со цел да се дојде до финално решение кое ќе биде поздравено од сите засегнати страни – работодавците, работниците и граѓаните кои плаќаат даноци.
– Кога ќе ги имаме сите коментари, тогаш ќе може да се пристапи кон изработка на финално законско решение, кое сметам дека ќе го поддржат сите претставници на политичките партии во Парламентот, додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека целта на ваквиот закон е воведување на конзистентност и хиерархиско усогласување на платите во различни сектори и помеѓу различни сектори.
– Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за труд и социјална политика добија задача да изработат Закон за плати во кој ќе бидат адресирани прашањата за воведување на конзистентност и одредено хиерархиско усогласување на платите, согласно областите во кои се регулира. Тие го исполнија првиот дел од својата задача, подготвија законско решение кое е поставено на ЕНЕР и кое сега сите ќе можат да го разгледаат, рече Ковачевски.
Според информациите објавени на ЕНЕР, временската рамка во која се очекува да биде готов предлог-законот е до 15 февруари, пред кој рок треба да се организираат јавните дебати за нацрт-текстот.
Билјана Анастасова-Костиќ
Сашко Панајотов