Заменик премиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вчера формално ја започна својата работна обиколка на Обединетото Кралство со состанок во Лондон со претставници од Инструментот за поддршка на надворешното финансирање во британското Министерство за финансии, пренесе дописникот на МИА од Лондон.
Николоски ја оцени оваа средба како клучна во рамките на посетата, објаснувајќи дека се дискутирало за деталите поврзани со средствата кои Македонија може да ги искористи во наредниот период.
“Се работи за пет милијарди фунти кои се ставаат на располагање на Македонија, нешто што беше потврдено од Инструментот за поддршка на надворешното финанисирање. Можам со задоволство да кажам дека овие пет милијарди фунти или шест милијарди евра по овој состанок и дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Може да се користат за проектно финансирање, врзани се со проекти, што значи дека ќе носат додадена вредност за Македонија”, изјави Николовски.
Тој истакна дека станува збор за иницијативи во областите на транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата и животната средина. “Разговаравме три сета на проекти. Едниот е брзата пруга на Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, вториот е изградбата на болниците во Кичево, Тетово и во Штип, а третиот изградба на на медицински факултет и студентски дом во Штип. Ова се три сета проекти што се веќе потврдени. По потпишувањето на договорот влада со влада утре и ратифкацијата во македонското Собрание ќе почнеме и официјални разговори во однос на начините на финансирање и начините на реализација на овие проекти и за многу бргу ќе можеме да излеземе со тие детали”, рече Николоски.
Во македонската делегација се и заменик премиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, како и директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски. Утре ќе им се придружи и министерката за образование, Весна Јаневска.
Тој го објасни и процесот на ратификација во двете земји. “Кај нас договорот ќе се ратификува во Парламентот, додека во Велика Британија го усвојува Владата. Потоа договопрот станува ефективен и веќе влегуваме во официјални разговори и преговори за реализација на проектите. Јас кажав дека мојата амбиција е дека во текот на летото ќе имаме договори, а доцна наесен и работа на терен”, рече вицепремиерот Николоски.
Текстот на договорот, кој треба да биде потпишан утре, беше одобрен од македонската влада, по постигнување на согласност меѓу двете држави за стратешко партнерство.