Ние како најголема политичка партија се сомневаме дека ние како опозициони политичари сме физички следени од страна на структури во безбедносниот сектор, нешто што најверојатно се прави нелегално, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски по седницата на Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која се разгледуваа информациите за софтверите Пегасус и Предатор. Според него, немало ниту кредибилен демант на сомневањата дека овие малициозни софтвери се користеле за следење на комуникациите во Македонија.
Во Македонија, според пратеникот, бил направен малициозен софтвер од страна на компанијата „Сајтрокс“, но позначајно е дали тој софтвер се користел во земјава. Тој го обвини и претседателот Стево Пендаровски дека бил озборувач и ништо друго.
„Претседателот Стево Пендаровски се претвори во најголемата политичка алапача во Македонија. Во текот на денот по неколку пати се среќава со лица од Агенцијата за разузнавање која за жал е под него. Оговараат кој со кого се гледал и што зборувал, а потоа тие информации ги споделува со ваши колеги новинари и најчесто тие информации се невистинити и на тоа му се сведува денот, како што му се сведува денот и на праќање пораки до некои лица, озборувајќи други лица“, вели Николовски.
Извор: МИА