Нацрт-буџетот на Украина за следната година предвидува 53 милијарди долари за одбрана


Пратениците на Врховната рада денеска во прво читање разговараа за државниот буџет на Украина за следната година, кој предвидува распределба на околу 26 отсто од БДП за одбраната.


Според нацрт-буџетот, средствата за безбедност и одбрана за 2025 година ќе изнесуваат 2,2 трилиони гривни (53,48 милијарди долари), соопшти Министерството за финансии.


Зголемувањето во однос на овогодинешните расходи е во износ од 46 милијарди гривни. -Безбедноста и одбраната остануваат приоритет за буџетот.

Сите даноци што ги плаќаат луѓето и бизнисите ќе бидат искористени за зајакнување на нашите бранители и нашите воени способности, напиша премиерот Денис Шмигал на Телеграм.


Се очекува вкупните буџетски приходи да достигнат 2,7 трилиони. гривни (околу 65,55 милијарди долари), а трошоците изнесуваат 3,6 трилиони гривни (87,4 милијарди долари).

Предлог-буџетот треба да се расправа во парламентот во уште неколку читања, а рокот за негово усвојување е 1 декември. Поднесени се 2099 предлози за измени на текстовите.


Претставниците на опозицијата го критикуваа предлог-буџетот, посочувајќи дека тој не одговара на воените услови.

-Овој документ нема никаква врска со буџетот на земја во време на војна, објави на Телеграм Дмитро Разумков, пратеник и поранешен претседател на парламентот.


Народните претставници од партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко дадоа слични коментари и повикаа на зголемување на социјалните плаќања, како и повеќе средства за армијата.

Киев ги троши своите приходи за одбрана и во голема мера се потпира на финансиската поддршка од своите сојузници за покривање на социјалните трошоци, забележува Ројтерс.

Според украинските власти, следната година Украина ќе има потреба од странска финансиска помош во износ од 38,4 милијарди евра. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА