Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,75 отсто, којашто ќе се применува и во четвртото тримесечје од 2025 година.
-Противцикличниот заштитен слој на капиталот е макропрудентна мерка, со која се делува превентивно и се зајакнува капиталната сила на домашните банки, а со тоа и отпорноста на банкарскиот сектор.
На седницата на Извршниот одбор беа земени предвид повеќе показатели за макроекономското окружување, пазарот на недвижности и банкарскиот систем.
Беше оценето дека задржувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 1,75 отсто, по неговото зголемување во неколку наврати, е во согласност со постепеното стабилизирање на макроекономскиот контекст, понатамошниот раст на цените на недвижностите, како и солидната кредитна активност на банките – раст од 6,5 отсто на годишна основа заклучно со првата половина од годинава, велат од Народната банка.
Банкарскиот систем и натаму е сигурен и стабилен во услови на ниско системско остварување на кредитниот ризик, со солидна профитабилност и солвентност и соодветно ниво на ликвидност, додека редовните стрес-тестови ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот систем на различни шокови.
Народната банка, велат оттаму, во иднина внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.
сст/дма/фото МИА архива .
Извор: МИА