Breaking News

Намален интерес за студирање на Градежен, деканот изрази загриженост за иднината на градежништвото и државава


Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски денеска информираше за намален интерес за студирање на оваа струка.


Па оттаму, тие биле загрижени за иднината на градежништвото, како што истакна Марковски, а уште повеќе загрижени за иднината на државата.


– Бидејќи, држава без домашно градежништво, тешко е, дури и невозможно е да функционира, рече Марковски во изјава за медиуми пред денешната трибина „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво“, во рамки на одбележувањето 75 години од основањето на овој факултет.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, посочи оти бројот на дипломирани студенти не е соодветен показател за она што се случува. – Бројот на запишани е соодветен.


Ние изминатите две години имаме запишано околу шеесетина градежници, само по осум геодетски инженери и по два – тројца инженери по геотехника. Ние сме единствен факултет во државава од ваков тип.

Можете да замислете што тоа ќе значи за понатаму, одговори деканот.


Само со трипартитна соработка помеѓу државата, односно Владата, образованието односно факултетот и стопанството претставено преку стопанските комори, посочи Марковски, може да се изнајдат решенија што ќе доведат до тоа да се подигне оваа гранка на ниво кое го заслужува, „да биде најдоходовна, да учествува со најголем процент во БДП и дури и да се направи да биде извозна“.

– За тоа се потребени одредени мерки, денеска ќе бидат некои и предложени.


Верувам, ќе имаме плодна дискусија со соодветни заклучоци и сите ние да ги преземеме обврските што ни претстојат за да дојдеме до поквалитетни решенија, подвлече деканот.

Марковски се осврна на тоа што од нивна страна може да се детектира и што би довело до зголемување на интересот за изучување на оваа струка и понатаму, вработување на тие инженери во стопанството.

– Прво, да најдеме начин како да се мотивираат новите студенти со државни стипдении и стипендии од стопанството, како може да се подигнат нивните примања на почетокот на кариерата, а тоа може единствено со тоа што го кажа и министерот, фаворизирање – позитивна дискриминација на домашните компании, за да може да се развиваат и на тој начин да вложуваат во стручниот потенцијал, изјави Марковски.

Компаниите, додаде тој, исто така треба да сфатат дека без вложување во човечки капитал, дека не може да има напредок и развој.

– Сето тоа заедно, очекуваме дека во едно догледно време ќе придонесе за подобрување на состојбите во оваа струка.

Сакам да напоменам дека градежништвото, земјоделието и туризмот се можеби единствени стопански гранки, што може да оформат целосен производ во нашата држава.

И оттаму, наша задача е да им помогнеме на овие гранки за да можат тоа да ни го возвратат. А градежништвото докажало дека тоа може да го направи, рече Марковски.

На трибината на Градежен факултет, присуства и министерот за транспорт Александар Николоски. бд/aa/Фото и видео: МИА .

Извор: МИА