На граничните пунктови Табановце и Богородица, од доцните попладневни часови, времето на чекање за влез во земјата изнесува приближно еден час.
“На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата”, соопшти АМСМ.
Протокот на возила на останатите државни патишта се одвива тековно, по суви коловози. Густината на сообраќај на патните правци надвор од урбаните зони е умерена.
Се советува адаптирана брзина на возење, почитување на поставената патна сигнализација и внимателно ракување со возилата, посебно на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои веројатност од појава на одрони. Ова особено важи за правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Започната е привремена измена на сообраќајот на автопатот А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 до 31.5.2025, поради изведување на обнова на десната тунелска цевка на Тунел Т2, известуваат од Синтек Инженеринг.
“Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е пренасочен во левата тунелска цевка.”
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 17.04.2025 е отворен за сообраќај за возила до 3,5 тона.