17/06/2025

Муцунски во работна посета на Северна Рајна – Вестфалија, фокус билатералната и економската соработка


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес реализира работна посета на германската провинција Северна Рајна – Вестфалија.


За време на посетата, министерот имаше средба со својот домаќин, министерот за сојузни, европски, меѓународни работи и медиуми и шеф на државната канцеларија на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх.


Во фокусот на разговорите беа извонредните билатерални врски и динамичната соработка која се развива во изминатиот период.

Министерот Муцунски нагласи дека Северна Рајна – Вестфалија е исклучително лојален партнер на нашата земја – како во политичката и економската сфера, така и во поддршката на европската интеграција. Тој изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка од покраината, како и за личниот ангажман на министерот Лимински во унапредувањето на политичката, економската и институционалната соработка.


„Оваа покраина е седиште на многу водечки германски компании и дом на бројна македонска дијаспора – фактори што дополнително ги зацврстуваат нашите односи.“

„Заеднички изразивме уверување дека оваа посета отвора ново поглавје во нашето партнерство и дека ќе продолжиме со конкретни активности за унапредување на политичките и економските врски“, изјави министерот Муцунски по средбата.


Како дел од работната посета, министерот Муцунски исто така се сретна со Феликс Нојгарт, директор на Агенцијата за трговија и инвестиции на Северна Рајна – Вестфалија.

Разговорите беа посветени на можностите за понатамошно зајакнување на трговската интеракција, остварување на нови инвестиции во стратешки сектори, како и на продлабочување на партнерствата во области како што се енергетиката, туризмот, напредните технологии и дигитализацијата.


Дополнително, беа разгледани погодностите кои ги нуди нашата држава за странските инвеститори, како и подготвеноста на Владата да биде активен и сигурен партнер во реализацијата на нивните проекти.

Соговорниците се сложија дека постои вистински потенцијал за подобрување на трговската и економската соработка во идниот период.

За време на посетата, министерот Муцунски вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде одржа средба со бројната и активна дијаспора. ст/дма/Фото МНРиНТ.

Извор: МИА