Со цел да ги поттикне учениците од завршните години од средното образование да се запишат на академски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за академската 2025/2026 година ќе распредели 15 стипендии на редовни студенти запишани на академски програми за проучување на македонскиот јазик во прва година на основни студии (прв циклус).
Според информациите од МОН, стипендијата е во месечен износ од 6,050 денари за девет месеци во текот на академската година.
Право на стипендија ќе имаат студентите запишани во прва година на основни студии кои студираат на државните и приватните универзитети и високообразовни институции во Република Северна Македонија, академски програми за проучување на македонскиот јазик и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти; да не се корисници на стипендија од други институции, установи или компании и да се државјани на Република Северна Македонија.
„Критериуми за доделување на стипендиите се: успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование, со просек од сите четири години од најмалку многу добар; доколку кандидатот користел стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, добива дополнителен 1 бод за секоја година од користење на стипендијата“, наведува Министерството.
Студентите кои ги исполнуваат условите од огласот треба да пополнат електронска апликација и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk во периодот од 1.11.2025 до 15.11.2025 година.
„Стипендијата се доделува за толку семестри за основни студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање“, соопшти Министерството за образование и наука.
biznisvesti.mk портал