“Ова се крупни вложувања и не можам да поверувам на одредени коментари што доаѓаат од опозициските редови, а најмногу бев изненаден вчера кога коментарот оттаму беше дека се задолжуваме за крупни вложувања”, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја вчерашната процена на опозициската СДСМ за договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
“Не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека не одат добро и мислам дека на Македонија и е потребна квалитетна опозиција, конструктивна која тоа што она што го артикулира како порака, ќе додава вредност”, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Делчево.
Тој повтори дека со склучувањето на овој договор ќе се подобри железничкиот превоз на стоки и патници и дека ќе има вложувања и во енергетиката, образованието и здравството. “Имаме на располагање околу 5 милијарди фунти (6 милиони евра) за стратешки проекти, за кои јас би рекол дека се транформациони за државата”.
Пругата е дел од Коридорот 10 и ги поврзува Табановце со Гевгелија. Проектот подразбира целосна реконструкција, модернизација и нов колосек, практично два ќе има. “Со ова, товарниот транспорт ќе се одвива со просечна брзина од 110 км на час, сега тој се врши со просек од 20 км на час. А, патничкиот ќе биде околу 160 км на час”, додаде Мицкоски.
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, вчера ја критикуваше Владата за договорот за заем со Обединетото Кралство, оценувајќи го начинот на заем како антиевропски. Според Филипче, големите задолжувања за инфраструктурни проекти го оптоваруваат идниот развој на државата, а економијата се соочува со зголемени трошоци за живот.
Проценката на Европската комисија за проекциите на економскиот раст на земјава, според премиерот, се темели на реализацијата на инфраструктурните капитални вложувања и потрошувачката. Во тоа, како што оцени, има влијание и растот на платите, кој е позитивен. Мицкоски е оптимист дека економскиот раст ќе биде и поголем.
“Минатата година кога бевме избрани како Влада, Светска банка предвидуваше 1,8 проценти раст, ние тоа го надминавме со околу 70 проценти и имавме раст од 2,8 проценти. Третиот квартал минатата година беше три проценти, четвртиот 3,2 проценти, а овој очекувам да биде меѓу 3,5 и 4 проценти на БДП, затоа што сме една од ретките, можеби и единствена земја во регионот којашто има раст на индустриското производство во првиот квартал”, рече Мицкоски.
Тој го пофали и растот на туризмот, истакнувајќи дека во првиот квартал од годинава има раст од над 10 проценти врз основа на бројот на туристи и бројот на ноќевања. “Првите индикатори дека одиме добро јасно се гледаат и очекувам првиот квартал да бидеме меѓу три и четири проценти. Инфлацијата во март е 2,7 проценти на годишно ниво, на месечно е -1,3 проценти, во април беше 2,6 проценти, на месечно 0,6 проценти, така што ако ги гледаме сите овие индикатори можеме да дојдеме до заклучок дека сум поголем оптимист и дека имаме шанси да ја завршиме годината со оние проекции што ги имавме со раст поголем од 3,5 проценти”, заклучи Мицкоски.