17/04/2025

Мицкоски разговараше со Стопанската комора на Шарџа за соработка и инвестиции


Во рамките на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателот и раководството на Стопанската комора на Шарџа.


„Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил. Тој додаде дека ваквите средби се од исклучителна важност за зајакнување на билатералните односи и отворање нови изгледи за бизнис заедницата.


Според соопштението од владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток. За време на престојот се предвидени средби со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел на Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната инвестициска компанија „Мубала“, како и со државната енергетска компанија „Масдар“. Исто така, планирани се средби со неколку стопански комори, со цел разгледување на можностите за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.

Во составот на делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.


Вчера, на првиот ден од посетата, Мицкоски се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан. Тој изјави дека била истакната потребата од многу поблиски и поплодни односи.

дма/ац/Фото: Влада