Премиерот Христијан Мицкоски објави за подготвување на програм и специјална бесплатна апликација, преку која граѓаните ќе можат веднаш да ги споредуваат цените во продавниците.
Како што изјави тој денес, одговарајќи на пратенички прашања, по имплементацијата на мерката за трговците јавно да ги прикажуваат цените на производите, се покажало дека некои од нив ја исмеваат Владата. Еден од синџирите маркети објавил повеќе од 17.000 артикли на листа од 100 страни, со што, според Мицкоски, “ја вулгаризирал” мерката.
Премиерот исто така истакна дека минималната потрошувачка кошничка бележи намалување. Тој се надева дека овој тренд ќе продолжи или барем ќе се стабилизира, односно ќе нема неконтролирано или несоодветно однесување. Во случај на повторување на таквите ситуации, нагласи тој, ќе биде донесена соодветна мерка, а Државниот пазарен инспекторат ќе ја следи состојбата.
„За жал, државава како да е депонија на производи. Имаш чувство дека дел од маркетите и трговците имаат изгубено чувство каде стопанисуваат па имаат маржи надвор од нормалните, а не ретко има индиции и за картелско здружување на одредени правни субјекти кои диктираат цени и маржи. Ние анализираме, покажуваме добра волја, сакаме да направиме нешто за граѓаните поради што и донесовме две мерки – ограничување на маржите и објавување на цените.“
Мицкоски дополни: “Од она што го видов, се шокирав, но ние сме виновни како Влада. Ќе направиме софтвер и законски измени да мора да го користат софтверот. Сакаме да направиме и апликација за паметните телефони за граѓаните да лоцираат маркети и да направат споредба на цените.”
Тој заклучи дека ќе биде потребно време, но Владата ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да се види дали и понатаму ќе има исмевање. “Има ланец што објавил над 17 000 артикли и ја закачил листата од 100 страни. Со тоа се вулгаризира мерката, но ако така сакаат, така ќе играме. Некои поединци мислат дека се над ова и ни плукаат во лице. Јавното објавување цени е мој прироитет, ќе направиме софтвер и бесплатен локатор за споредба на артиклите”, нагласи Мицкоски.