14/01/2026

Мицкоски на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана


Денес во Тирана ќе се одржи шестиот Собир на Европската политичка заедница под наслов „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој ќе партиципира и премиерот Христијан Мицкоски.


Клучна тема на Собирот, чии ко-домаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде сигурноста и споделената визија за иднината на Европа.


Во тој контекст, се очекува водачите да дискутираат за безбедноста на Европа, вклучувајќи ја и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и капацитетот за одговор на разни закани.

Дополнително на ова, на настанот ќе се организираат и три тркалезни маси на високо ниво со акцент на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина, потоа на унапредување на европската конкурентност и сигурност преку иновации и издржливост, како и на предизвиците во мобилноста и зајакнување на младите.


Во поканата упатена до европските водачи за учество на Собирот, Кошта и Рама истакнуваат дека Европа се наоѓа во важен историски момент, одбележан со повеќеслојни и комплексни предизвици.

„Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност“, се наведува во поканата.


Во неа исто така се посочува дека истовремено европските економии се соочуваат со обновени ризици од фрагментација, кои ги поткопуваат утврдените економски модели и ја тестираат способноста на државите во Европа за одржување на растот, издржливоста и конкурентноста.

„Важен предизвик остануваат и нерегуларната миграција и нејзината инструментализација, кои ги усложнуваат напорите за овозможување безбедна и регулирана мобилност и справување со недостигот на работна сила“, се додава во поканата.


Кошта и Рама понатаму напоменуваат дека надградувајќи се на напредокот од минатите собири, Собирот во Тирана ќе понуди клучна платформа за подобрување на дијалогот и продлабочување на соработката, со цел претворање на заедничките предизвици во можности за унапредување на заедничките цели.

На Собирот на ЕПЗ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа.

Покрај премиерите Мицкоски и Рама, на настанот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.

На Собирот ќе бидат присутни и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и генералните секретари на НАТО, Марк Руте, на Советот на Европа, Ален Барсе и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу.

Во исчекување на денешниот Собир, Кошта синоќа во Тирана организираше вечера за водачите на шесте земји од Западен Балкан, на која присуствуваа и Фон дер Лајен и Калас.

Идејата на Европската политичка заедница е да го поттикне дијалогот и соработката помеѓу водачите на континентот за справување со прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа.

Таа не е предвидена да замени ниту една постоечка структура, организација или процес, туку е форум на кој европските земји можат да пронајдат дополнителен простор за соработка по најважните прашања на континентот.

До сега се одржаа пет собири на Европската политичка заедница.

На првиот Собир во Чешка во дискусијата преовладуваа прашања поврзани со мирот, безбедноста и енергијата како последица на војната во Украина, на вториот во Молдавија водачите се фокусираа на напорите за мир и безбедност, како и на енергетската отпорност, поврзаност и мобилност во Европа, на третиот состанок во Шпанија акцентот беше на обезбедување на поотпорна, просперитетна и геостратешка на Европа, на четвртиот во Велка Британија дијалогот се водеше за одбраната, заштитата на демократијата, за миграцијата, енергијата и за поврзаноста, додека на петтиот Собир во Унгарија водачите разговараа за безбедносните предизвици на Европа, илегалната миграција, економската сигурност, поврзаноста и односите меѓу ЕУ и САД.

Следниот Собир на Европската политичка заедница ќе се одржи во Данска во текот на претстојната есен.