15/02/2026

Мицкоски: Изградба прво на болниците во Штип и Кичево, па нов клинички центар во Скопје


Иницијално ќе се градат болниците во Штип и Кичево, а потоа и нов клинички центар во Скопје, објави денес претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање.


Претседателот на владата Мицкоски укажа дека со заемот од стратешката спогодба со Велика Британија ќе бидат инвестирани преку 200 милиони евра за градење и обнова на клиничките болници.


“Сакам да споменам дека повеќе од 200 милиони евра од кредитот ќе бидат инвестирање во довршување на штипската клиничка болница, изградба на Медицински факултет и студентски дом со 200 легла. Исто така изградба на болница во Кичево и целосна реконструкција на клиничката болница во Тетово и опремување за да можат да одговорат на потребите на пациентите,” рече Мицкоски.

Откако тоа ќе биде комплетирано, додаде премиерот, ќе се преанализираат потребите на тој познат Клинички центар кој конечно треба да се изгради, иако ќе потсетам дека во 2017 година имаше завршена постапка, избран изведувач за што сега сме и на арбитража.


“Тогашната Влада влезе и во нивен стил како што тие само знаат да го направат, го прекинаа договорот, го избркаа изведувачот и сега сме ние на арбитража и најверојатно поради таквото неодговорно однесување од владата на СДСМ и ДУИ, граѓаните ни криви ни должни ќе треба да плаќаат отштета, исто како што сега треба да го плаќаме оној солидарен данок 50 милиони евра зошто незаконски им бил одземен на фирмите од страна на претходната влада,” изјави премиерот Мицкоски.

Тој потенцираше дека здравјето е врвен приоритет на Владата.


“Факт е дека здравство било на маргините, дека е најголем проблем за граѓаните и исто така е факт дека е еден од нашите главни приоритети,” истакна Мицкоски, како одговор на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски за идните мерки за подобрување на здравствената инфраструктура.

Премиерот Мицкоски констатираше дека состојбата во здравствениот сектор која ја затекнале била хаотична, а исто така се осврна на проектите за подобрување и унапредување на состојбите во овој сектор, наведувајќи ја како позитивен пример, меѓу другото и Клиниката за детски болести.


“Некогаш работите можат да се направат и без пари или јас би рекол со многу малку пари. Еве самите го споменавте вчерашниот ден и мојата посета на Клиниката за детски болести и она кое што на луѓето најмногу им остави впечаток е дека клиниката беше исчистена. Во која смисла исчистена? Најпрво од хигиенски аспект, но исчистена беше и од аспект на тоа дека беа исфрлени 50 тони дигитален отпад. И тоа е однесено да се рециклира со компанија. Просто беше неверојатно тоа што го гледавме, како изгледало претходно и како изгледа сега, балконите на клиниката биле натрупани со стари компјутери, принтери, тоа беше една хаотична слика. И тоа е една од тие 11 работи кои што ги направил директорот за тие 11 месеци,” рече Мицкоски и додаде дека вкупно проектите кои биле презентирани чинеле 40 милиони денари.

свд/лв/фото: Влада
Извор: МИА